Охрид ќе го враќа автентичниот изглед на објектите во Чаршијата
Направена е анализа за изгледот и состојбата на секој објект, а ќе следува изработка на Правилник кој ќе ја даде визијата како да изгледа Охрид во иднина. Првично ќе се стартува со пилот проект со избрани шест дуќани на кои ќе им се заменуваат излозите со соодветна дограма.
На Охридската чаршија ќе и се враќа автентичниот изглед. Ова е зацртано во проектните планови на Секторот за туризам и локален економски развој при Локалната самоуправа. Се планира продавниците и угостителските објекти да го вратат традиционалниот изглед на излозите од дрво или имитација на дрво. Станува збор за објекти на потегот од Света Софија, градскиот плоштад, чаршијата па се до вториот Чинар, напоменува Ѓоко Апостолов од ТЛЕР.
Имаме направено целосна анализа во каква состојба е секој дуќан и објект во моментов, што е она што отскокнува од традиционалниот изглед, што треба да се промени и на каков начин треба да се промени – истакна Апостолов.
Направена е анализа за сегашната состојба на чаршијата, а се планира и изработка на правилник. Со документот ќе се дефинираат нормите за изгледот на секој објект, но не само изгледот на излозите туку поставувањето на рекламите и надворешните клима уреди.
Ќе ја добиеме основата како да го замислиме градот, угостителските обејкти, формата на тенди, чадори, столици, жардинери итн. Ќе ја даде визијата како да изгледа во иднина Охрид. За имплементација е потребно многу средства, време и соработка со сите сопственици на дуќани. Не е нешто што се менува преку ноќ туку е долгорочен проект – вели Апостолов.
Годинава ќе се поставува темелот на овој проект. Избрани се шест дуќани во чаршијата за да се имплементира првичниот пилот проект. На објектите ќе им се заменуваат излозите со соодветна дограма, а Министерството за економија со тендерска постапка издвои 1 милион денари.