Skip to main content

Дали Охрид ќе си го добие својот локален културен бренд?

Во градов се случуваат голем број фестивали и други културни настани, но не под целосна закрила на Локалната.  Идеи за локална културна манифестација има, требаат уште пари.

 |  Јаковлева Лионела  | 
konmcert
концерт

Во Охрид нема културна манифестација која целосно е под капата на Локалната самоуправа и која е  препознатлив бренд за градов. Иако, посебно во летниот период секојдневно се случуваат некакви фестивали, било фолклорни или забавни, а за вистина на волјата не е мал бројот и на концертите на разноразни пеачи од секаков калибар, на градов преку му е потребна една манифестација која ќе го отсликува Охрид и неговото градско пулсирање.  Секоја чест и респект кон полувековното постоење на фестивалот Охридско лето и Балканскиот фестивал, но тие се финансирани од страна на државата.
И не дека во еден ваков туристички центар како што е Охрид не е добро да се има богата културна понуда, но како малку да заборавивме што е тоа квалитет па на гостите и на охриѓани им се нуди само квантитет.igraorki

Локалната не е ниту организатор, ниту целосен финансиер на ваквите многубројни културни манифестации и фестивали. Ванчо Јованоски од Секторот за јавни дејности велат дека единствено целосно стојат зад манифестацијата „Вечери на Живко Чинго“. Тој додава дека сериозно размислуваат за една манифестација, фестивал, колонија или каков и да е друг културен настан кој ќе биде само наш, охридски. Една од идеите е да се направи џез фестивал на кој ќе се понуди квалитетна музика за љубителите на овој правец. Друг предлог пак е манифестацијата да биде колаж од повеќе културни настани. Да трае десетина дена и секој ден да има различна културна понуда.  Локалната ќе бара и соодветно место каде сето тоа би се одржувало. Постоечката бина на градскиот плоштат секако не е вистинското.

Идеи има многу останува уште нивната реализација, велат од Секторот за јавни дејности. И се зависи само од едно, а тоа се парите. Сега кога Општината е во втора фаза на децентрализација работите ќе одат побрзо, па можеби уште наредното лето Охрид ќе си го добие својот локален културен бренд, додаваат од таму.