Охрид се пријави за мерката за ангажирање на 400 невработени лица во противпожарната заштита
Ќе се ангажираат 400 невработени лица кои ќе добијат обука за пожарникари и ќе бидат распоредени во Противпожарните единици на Општините. Месeчниот надоместок кој ќе го добиваат лицата е 24.000 денари, а најдобрите кои ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност ќе бидат трајно вработени.
Оваа мерка од владиниот оперативен план за вработување се спроведува за прв пат во нашата држава и предвидено е да опфати 14 општини каде има територијални противпожарни единици.
– Пријавувањето ќе се одвива транспарентно преку Јавен повик, кој ќе биде објавен од страна на општините. Секое лице кое што се чувствува подготвено и мотивирано да даде придонес во оваа заедничка мисија, ќе може да аплицира со поднесување на пријава и апликација. Локалните самоуправи во овој случај ќе имаат активна улога во спроведувањето, затоа што борбата против пожарите е одговорност што ја споделуваме- од централно, до најлокално ниво, рече Марија Митева -портпарол на Владата.
Директорот на Дирекција за заштита и спасување, Стојанче Ангелов кажа дека овие вработување ќе бидат многу важни за справувањето со пожарите и ги повика сите млади луѓе кои се во добра физичка форма да се пријават на огласот.
–Можеби оваа сума од 24.000 денари не е голема, но сите кои ќе се покажат особен успех ќе може трајно да бидат вработени во единиците за противпожарна заштита низ државата. Кандидатите треба да бидат психофизички здрави, а луѓе со хронички болести, срцеви болести, проблем со шеќер не е добро да се пријават на овие огласи“, рече Ангелов.
Директорката на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) Душица Перишиќ кажа дека во моментов во земјава има меѓу 700-800 пожарникари, а според легислативата треба да има еден пожарникар на 1.500 граѓани.Вкупната бројка којашто треба да се исполни согласно закон е нешто повеќе од 1.500 пожарникари, значи двојно повеќе од она што го имаме во моментов.
–Половина од тој проблем ќе се реши на овај наќин со овие 400 вработувања, рече Перишиќ.
Владата вчера промовираше 38 стари армиски и полициски возила пренаменети за гасење пожари.Оваа недела треба да стигне од сервис и вториот авион ер-трактор, додека третиот се очекувада дојде до крајот на месецот или почетокот на август.