Охрид домаќин на Националниот форум за младинска работа

Од 10 до 12 ноември во Младинскиот центар во Охрид ќе се одржи Националниот форум за младинска работа, на кој ќе се отворат прашања за институционалната и финансиската поддршка на младинските центри, квалитетот на младинската работа и улогата на образованието и неформалното учење. Во рамки на Форумот ќе бидат доделени и националните признанија „Младински пријателски град“ за осум општини од земјава.
Охрид од 10 до 12 ноември ќе биде центар на дискусиите за младинските политики и унапредувањето на младинската работа во земјава. Во просториите на Младинскиот центар ќе се одржи Националниот форум за младинска работа, кој ќе обедини претставници на институциите, општините, младинските организации, меѓународните партнери, како и млади активисти од целата држава.
Форумот претставува национална платформа за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу сите чинители кои работат во областа на младинските политики и младинската работа. Преку панел-дискусии, работилници, презентации и интерактивни сесии ќе се дискутира за предизвиците, можностите и потребните чекори за создавање поквалитетна и поодржлива поддршка за младите.
Официјалното отворање на Форумот е предвидено за 10 ноември, од 10 до 10:45 часот, со поздравни обраќања на претставници на релевантни институции и организации. Меѓу нив се Никола Додов од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Биљана Цветановска Гугоска, шефица на канцеларијата на УНФПА во земјава, и Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
На отворањето ќе се обратат и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, како и Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.
Посебен акцент во програмата ќе биде ставен на институционалната и финансиската поддршка за младинските центри и младинската работа. Во рамки на првиот панел, насловен „Од закон до локална реалност: институционална и финансиска поддршка за младинските центри и младинската работа“, градоначалници од неколку општини ќе ги споделат своите искуства и предизвици во спроведувањето на законските обврски и обезбедувањето услови за развој на младинските центри.
Панелот, кој ќе се одржи на 11.11. 2026 од 11:45 до 12:45 часот, ќе го модерира Астрит Реџепи од УНФПА. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, ќе зборува за институционалната и финансиската поддршка што Општината ја обезбедува за младинскиот центар и младинската работа. Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, ќе го презентира искуството на оваа општина во спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики, додека градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, ќе се осврне на предизвиците, решенијата и одржливото финансирање на младинските центри во помалите општини.
Вториот панел, со почеток во 13 часот, ќе биде посветен на темата „Образованието и неформалното учење како мост кон квалитетна младинска работа“. Во дискусијата ќе се отворат прашања за улогата на неформалното образование, европските програми, стандардите за квалитет и младинското учество.
Меѓу најавените панелисти се Ана Михајлов од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која ќе зборува за неформалното образование и европските програми како алатка за квалитетна младинска работа, Јасмина Тодоровска Митева од ОБСЕ, со осврт на стандардите и поддршката на младинската работа од аспект на човековите права и демократското учество, како и Владимир Ѓорѓевски од RYCO, кој ќе говори за придонесот на регионалните програми, неформалното учење и младинските размени во унапредувањето на квалитетот на младинската работа.
Модератор на вториот панел ќе биде Ивана Петровска од УНДП.
Во рамки на Националниот форум ќе се одржи и свеченото доделување на националната награда „Младински пријателски град“. Со ова признание ќе бидат наградени осум општини, по една од секој плански регион, за постигнатиот напредок во исполнувањето на обврските и стандардите предвидени со Законот за младинско учество и младински политики.








