Охрид нема слободни станови за социјално загрозените семејства
Охрид нема слободни станови за социјално загрозените семејства. Кров на главата со помош од државата побарале околу 50-тина охриѓани. Државата најавува изградба на околу 500 нови социјални станови во земјата.
Од министерството за транспорт и врски најавуваат распределба на 79 станови за најранливата категорија граѓани во земјава. Од расположливите станови во 16-тина македонски градови ќе бидат доделени 59 станови на семејства во социјален ризик, а 20-тина на лица со ниски примиња. Огласот за доделување на социјални станови ќе биде објавен идниот месец, но охриѓани кои бараат кров над глава со помош на дражавата нема да можат да го решат станбениот статус.
Охрид го нема на таа листа. Во моментов нема ниту еден слободен стан за социјално загрозените семејства, информираат од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од интерес на Р. Македонија.
Гоце Георгиески, директорот на охридската подружница на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кажува дека во тек е постапка преку извршител за иселување од еден стан во социјалната зграда во Охрид. Информира дека на различни категории социјално загрозени лица е доделено 71 живеалиште. Социјалните станови се доделeни на семејства во социјален ризик, самохрани мајки, лица со инвалидитет, деца без родители. Социјални станови нема ни за стружани, а само еден слободен социјален стан има во Дебар. Акционерското друштво располага и со 16 деловни простори, од кои 4 се слободни во Охрид и еден во Струга. Од Центарот за социјални работи информират дека има околу 50-тина баратели на социјални станови во Охрид. Минатата година од министерството за транспорт и врски биле одбиени 9 баратели кои не исполнувале услови за добивање на социјален стан.
Државата најавува дека ќе гради 467 социјални станови за семејствата во социјален ризик.