Охрид нема туристички инфо центар
Туристички инфо центар не функционира во Охрид. Туристите најчесто доаѓаат до иформации за она што сакаат да го посетат или видат при претстојот на Охридското крајбрежје преку користење на дигитална технологија. Од Секторот за туризам и локален економски развој при локалната самоуправа најавуваат имплементација на ново софтверско решение. Со него ќе бидат опфатени сите информации и активности кои се одржуваат во Охрид во летната сезона. За таа цел ќе се искористат постоечките современи апликации за паметни уреди, укажува Ѓоко Апостолов од ТЛЕР.
„Постојат различни платформи и апликации кои не се направени од Локалната самоуправа. Има работи кои туристите ги користат. Ние сакаме да ги обединиме тие апликации. Тоа не значи дека ќе подготвиме нови врз постоечките туку нив би ги сублимирале за потребите на туристите. Само би ги пренасочиле истите кои се функционални и постоечки“, вели Апостолов.
Во изминативе години, Локалната самоуправа го напушти класичните туристички инфо објекти. Исто така, не се функционални скапите информативни табли со тач скрининг кои беа поставени на неколку локации низ градот. Дигиталната технологија постојано напреднува и се користи во секојдневниот живот па од Секторот за туризам и локален економски развој подготвуваат нов дигитален начин на пласирање на информациите за да бидат во чекор со новото време.
„До крајот на оваа неделава ќе имаме иновативно решение.Дигитална промоција на културните манифестации и настани кои ќе бидат уникатни.Таква промоција не постои никаде во светот. Работиме на тоа, сакаме да воведеме новитети, препознатливо решение. Ќе трасираме пат за помодерна промоција на туристичките услуги, производи и манифестациии во Охрид“, напоменува Апостолов.
Додека се подготуваат новите дигитални решенија од каде туристите ќе добиваат информации за градот и околината паралелно тече и втор повик за издавање на инфо центарот Едро. Градот донесе одлука да се дислоцира објектот на градското пристаниште и бесплатно да се користи од организација која ќе работи некомерцијално. Целта е да се стави под контрола хаотичниот изглед на просторот пред пристаништето со рекламните паноа кои се однесуваат на возниот ред на пловните објекти.