Охрид одбележува 140 години од раѓањето на војводата Христо Узунов
Денес општина Охрид одбележува 140 години од раѓањето и годишнината од херојската погибија на војводата Христо Узунов. Одбележувањето на овој настан е проследен со низа активности поврзани со животот и делото на охридскиот револуционер.
Охридскиот војвода Христо Узунов е еден од македонските великани чии идеали се пренесуваат од колено на колено, од генерација на генерација, од востание на востание се до конституирањето на слободна независна и самостојна Р. Македонија. Денес училиштето кое го носи неговото име, со низа свечености го одбележува патрониот празник, а општина Охрид одбележува 140 години од раѓањето и годишнината од херојската погибија на војводата Христо Узунов.
„Се поклонуваме пред славниот охридски војвода Христо Узунов и неговото револуционерно дело и чинот и саможртва. Во тешката и нерамноправна битка со османлискиот аскер во селото Цер, војводата Узунов и неговите соборци, не се предадоа на непријателот, туку сами си ги одзедоа животите како чин на саможртва кој и го посветија на борбата за слободна и независна Македонија“.
„Македонија ќе роди нови борци ние ќе живееме во спомените ваши“ запишал Христо Узунов на 24 април 1905 година, истакна проф. д-р Павле Митрески. Тој одржа историски час посветен на животот и делото на охридскиот револуционер Христо Узунов.
„Уште кога влегол учител во крајот на деведесетите години на 19 век во охридските училишта тој зазеде видно место во делото и дејствувањето во македонската револуционерна организација која штотуку се формирала во Охрид“
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, 140 години од раѓањето на Христо Узунов, денес пред спомен обележјето на Узунов во дворот на истоименото училиште беше положено свежо цвеќе. Исто така, во големата општинска сала се одржа свеченост, на која беше прикажан документарен видео запис од познатиот режисер Илија Пиперкоски, а настанот беше збогатен со културно уметничка програма, настап на хорот, рецител и соло изведба на флејта на младите музички таленти. Одбележувањето продолжува и во текот на утрешниот ден така што во градскиот парк пред спомен обележјето на Христо Узунов ќе биде положено свежо цвеќе, а ќе се одржи панихида и полагање на цвеќе на гробот на охридскиот револуционер во село Цер, Кичевско