Охрид остави силен впечаток врз претседателката на Индија

Од античкиот Плаошник, преку црквата „Света Богородица Перивлепта”, до духовниот мир на манастирскиот комплекс „Свети Наум”, културното и духовното богатство на Охрид остави силен впечаток врз претседателката на Индија, Драупади Мурму, која престојуваше во прва официјална посета на Македонија. Историјата, вековното наследство и гостопримството на македонскито народ , според претседателката Гордана Силјановска-Давкова, биле дел од причините поради кои индиската претседателка со воодушевување зборувала за градот.

Посетата на претседателката на Индија, Драупади Мурму, на Охрид беше можност одблиску да се запознае со дел од најзначајните културно-историски и духовни знаменитости на градот.
„Индијците, вклучувајќи ја и претседателката, со право веруваат дека ништо не се случува случајно. Гледајќи ги убавините на Охрид и неговата слоевита историја, таа смета дека град кој има античко име и поминал низ сите историски периоди, неслучајно е толку убав. Со Божја волја, тоа што денес го гледаме во Перивлепта или во Свети Наум, некогаш било само слика од некое далечно време.” – изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова.



Претходно во Скопје, претседателката Мурму присуствуваше на откривањето на бистата на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје – подарок од пријателска Индија. Двете претседателки ја посетија и Спомен-куќата на Мајка Тереза.
„Во време во кое што се соочуваме со конфликти, нетолеранција и поделба, Гандиевата верба во дијалог, сочувство и мирен соживот останува и понатаму важна. Се надевам дека посетителите на овој музеј, особено младите луѓе, ќе застанат пред неговата биста и ќе ја отсликаат пораката на Ганди, да ги инспирира да одбијат омраза, да ги решат разликите на мирен начин и да му служат на општеството со храброст и емпатија.“-изјави претседателката Мурму.

Посетата на индиската претседателка се оценува како значаен чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка. Беа испратени јасни пораки за пријателство, меѓусебна доверба и подготвеност за заеднички проекти во повеќе области.
Од двете страни беше истакнато дека има можност за продлабочување на соработката во економијата, науката, образованието, културата и заштитата на животната средина, при што Охрид уште еднаш се потврди како место каде историјата и културното наследство ги поврзуваат народите.









