Skip to main content

Охрид се подготвува за Богојавление – Водици

Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе го положи Митрополитот Георги.
 |  инфодеск  | 

На највисоко ниво со почитување на верските традиции и граѓански обичаи Охрид ќе ја одбележи најмaсовната верско- културна манифестација во земјава, Богојавление – Водици. 

На денешниот состанок со Координтивниот одбор,  градоначалникот Кирил Пецаков заедно со Владиката г. Георги,  претставници од МПЦ, јавните претпријатија, од МВР, Капетанија, Црвен крст и  нуркачите клубови ги дефинираа сите детали со цел  настанот да биде реализиран во најдобар ред.

Централните празнувања се на 19 јануари. Започнуваат во раните утрински часови со свети  и празнични литургии во сите парохиски цркви, по што трите литии од црквите Св. Богородица-  Каменско, Св. Георги – Горна Влашка Мала и Св. Никола -Геракомија ќе се упатат кон градското пристаниште. Чинот  на  полагањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде во 10 часот  од Колцето на пристаниште, а ќе го изврши Митрополитот Дебарско – кичевски  г. Георги.

Во 12часот на плоштадот „Св. Климент Охридски“, концерт ќе одржат фолк дивите, Елена Андоноска и Елена Велевска, а ќе се служи и топла ракија за сите верници и добронамерници. По традиција истиот ден од 9 до 15 часот, Црвен Крст – Охрид ја спроведува традиционалната крводарителска акција во ЦК „Григор Прличев“, „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЕ“ . Екипи на Црвен Крст  ќе се задолжени  и за безбедноста на капачите.

Истиот ден  кај месноста Сараиште  точно напладне свештено лице ќе го изврши  бесплатното групно крштевање.  

Наредниот ден, на 20 јануари кај Сараитше  со заедничко капење и настап  од охридскиот музички еснаф ќе се одржи денот на рибарите.

Како и минатата така и годинава за организација  на граѓанскиот дел од манифестацијата е задолжена Општтина Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, а за црковниот дел     МПЦ-ОА односно  Дебарско-кичевската епархија.

До 17 јануари, Централното градско подрачје и крајбрежјето треба да блеснат во празничен декор, а  за чистотата на езерското дно ќе се погрижат нуркачите од двата охридски нуркачки клубови, „Амфора“ и „Охрид“. Во  тек е и  пријавувањето на капачите во сите парохиски цркви во градов. На 18.01.2026 (недела) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Од организацијата упатуваат апел и препорачуват до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 9  oC.

На настанот се најавени и се очекуваат претставници од  дипломатскиот кор  и останати  претставници од политичкиот и јавниот живот во државава.