Охрид подготвен за третото издание на Фестивалот на виното
Охрид е подготвен за третото издание на Фестивалот на виното (Ohrid wine festival) што од 27-ми до 29-ти јуни ќе се одржува на кеј „Македонија“ пред хотел „Палас“.
Градоначалникот Кирил Пецаков на денешната прес конференција истакна дека фестивалот полека но сигурно си го зазема своето место и ја разубавува туристичката разгледница на Охрид.
„ Трета година со ред ќе се одржува Охридскиот вино фест, препознатлив веќе бренд кој на некој начин го најавува почетокот на туристичката сезона. Имавме повеќе од успешни две изданија и по бројот на посетители и по начинот на кој секој кој беше присутен на Вино фестот уживаше. Сега пред третото издание би рекол сме на почеток на уште една туристичка сезона и ние како локална самоуправа , токму тоа е наша задача , да правиме дополнителни настани коишто на некој начин ќе привлечат туристи надвор од шпицот на сезоната. “- изјави градоначалникот.
Пане Темов од организацискиот одбор на фестивалот истакна дека Вино фест полека се движи во посакуваната насока кон остварување на визијата да стане регионален затоа што секоја година учествуваат се поголем број винарии.
Осврнувајќи се на забавниот дел од програмата тој потензира дека и годинава фестивалот ги поддржува охридските бендови и македонските изведувачи.
„ Фестивалот ќе го отвори охридскиот бенд „Backdoor band“, Миле Кузманоски и групата „Куку леле“. Во петок повторно имаме охридски бенд „Urban Planet“, „NEXT TIME“, и битолскиот бенд „BRASS BROTHERS“. Саботната вечер е резервирана за „Балканико“, групата „АРЕА“ и Влатко Лозановски – рече Темов.
Во трите фестивалски ноќи ќе настапуваат и стенд ап комичарите Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски и тројца охридски ди-џеи.
Фестивалот се одржува со поддршка на Општина Охрид, а во организација на CRAFT продукција.