Охрид подготвен за празникот Водици
Се е подготвено да се одбележи празникот Богојавление Водици на 19 јануари во Охрид , информираа од Организациониот одбор. Денес се одржа средба меѓу претставниците од здравствените установи, СВР Охрид, ОО Црвен крст, пожарна, јавните претпријатија, нуркачите и едриличарските клубови за преземање на завршните подготовки за се да протече во најдобар ред, на денот кога се празнува големиот христијански празник Водици. Градоначалникот Кирил Пецаков, напомена дека после чинот на осветување на водите на езерото за забава на присутните ќе се погрижат музичарите од Чалгија саунд систем на градскиот плоштад. Оваа година не се очекува поголемо присуство на странски гости, напоменува градоначалникот.
„Ние настаните за Водици ги испромовиравме пред Нова година. Но, гости претежно ќе се од околните градови и од Македонија. Можеби треба да се размислува за некои понуди заедно со угостителите и Хотам, за понуди во Охрид кои ќе се дадат на крајот од летото и почетокот на есента, да се промовираат одредени пакети и програми за да се привлечат повеќе странски гости“, вели Пецаков.
Туристичкиот работник, Јаким Маленко од ТА Вис пој , исто така потврдува дека кај странските гости нема некоја поголема заинтересираност за доаѓање на оваа верска манифестација во Охрид.
„ Празникот годинава е во средина на неделата и нема споени неработни денови. Најбројни ќе бидат домашните туристи. За жал, хотелите не можат да излезат во пресрет со поприфатливи цени како што имаше изминативе години. Но, сепак имаат достапни цени за сите и кој сака е добредојден да присуствува на чинот на осветувањето на езерските води“, нагласува туристичкиот работник Маленко.
Илче Ристески од Дебарско-кичевската епархија, информира сите кои сакаат да скокаат по крстот може да се пријавуваат во парохиските цркви. Таму ќе ги добијат насоките за учество во чинот на осветувањето на езерските води.
„Богослужбата започнува во 7 часот, а положувањето на светиот крст во водите на езерото ќе е во 10 часот. Централната Богослужба ќе е во храмот Успение на Св. Богородица во Каменско со која ќе чиноначалствува владиката Тимотеј. Богослужба ќе има и во сите парохиски цркви, Св. Никола Геракомија, Варош и Св.Ѓорѓи, Влашка маала и во останатите храмови“, укажува Ристески.
На 20 јануари, традиционално на Сараиште, ќе се одбележи и Денот на рибарите. За оваа манифестација ќе има музика, храна и вино, а за забавата ќе се погрижи охридскиот музички еснаф.