Skip to main content

туризам

Охрид подготвен за шпицот на туристичката сезона

Јули и август е највисоката сезона, кога се очекуваат илјадници гости да престојуваат во главниот туристички центар во земјава. Јавните претпријатија се подготвени и со механизација и дополнително екипирани да одговорат на зголемениот обем на работа.
 |  инфодеск  | 

Охрид подготвен за шпицот на туристичката сезона и напливот на голем број туристи. Јули и август е највисоката сезона, кога се очекуваат илјадници гости да престојуваат во главниот туристички центар во земјава.  Јавните претпријатија  се подготвени и со механизација и дополнително  екипирани да одговорат на зголемениот обем на работа. Градот ќе се чисти во три смени и редовно ќе се одржува водоснабдителната и канализационата мрежа.

„Немам дилеми дека Охрид е спремен не само затоа што е лето, туку генерално имаме пракса како град и искуство да се занимаваме со огромен број туристи да сервисираме огромен број туристи во лето веќе години наназад. И службите се навикнати, факт е дека во летото, отприлика два месеци ќе имаме зголемен обем на работа посебно со водоснабдување и одржување на хигиена. Меѓутоа завршија последните подготовки во однос на механизација, екипирање и дополнителен број работници се ангажирани, дефинитивно Охрид е подготвен”, вели Кирил Пецаков градоначалник на општина Охрид.

Сообраќајниот метеж во централното градско подрачје оваа сезона се очекува да се намали, бидејќи се зголемува бројот на паркинг места. Гранит го расчисти  полигонот за мали спортови и го подготвува за паркинг.

„За разлика од минатата година тоа е популарниот полигон во Охрид кој што сопственикот го  расчисти и прошири, така да ќе имаме поголем капацитет во централното подрачје. Очекуваме со новиот минситер за транспорт и врски она што за нас е завршен проект или ако сакате проект кој две години бевме кочени како локална самоуправа конечно ќе стигнеме до одобрение за градба да ја отпочнеме сами како локална сме подготвени на локација кај пазарот”, вели Пецаков.

Дел од плажите се уредени, поставена е урбана опрема,  а кога ќе стигне планот од Агенцијата за просторно планирање ќе може да се уредува крајбрежниот појас со засебни урбанистички проекти.

Новинар Соња Рилковска