Охрид го празнува 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето
Охрид празнува 79 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор. Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата. Благословот да живееме во слобода ни го подарија најхрабрите и најдобрите македонски синови и ќерки учесници во големата народно ослободителна борба, истакна во своето обраќање на на централната свеченост, градоначалникот Кирил Пецаков.
„Денес 79 години потоа , жртвата на нашите херои не обврзува да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овај предизвик, а со тоа се ставаме на страната на демократските и просперитетните држави и заедници. Исто така, убеден сум, дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапана на најпрепознатливите светски дестинации.“ – истакна Пецаков.
Без почит кон минатото, ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина, кажа во своето обраќање пред присутните, Претседателот на ОО на Сојуз на борци од Охрид и Дебрца и граѓани продолжувачи, Гоце Георгиески. Тој даде краток осврт на тоа како беше ослободен градот во 1944тата година. Во тоа ноемвриско утро пред зората единиците млади борци, некои од нив во првиот цут на младоста, ги зазедоа позициите и започнаа со нападот врз побројните непријателски сили воодружени со тешко оружје и тенкови. Тешка и нерамноправна борба се водела на приодите во градот, во центарот , по улиците, околу гимназијата, пристаништето, на калето до конечно повлекување на непријателот. 40 млади партизани меѓу кои 17 годишната Јасна Ристеска, ги положија своите млади животи врз олтарот на слободата и со своето херојско дело чуваат будна стража врз градот, кажа, меѓудругото Георгиески.
„И денес во спомен на погинатите положуваме свежо цвеќе во Спомен –паркот на Револуцијата , во Алеата на непобедените каде на мермерната плоча од централната фигура е запишано: Цутот на една младост , кој растеше и живееше со нас, кој се радуваше и тагуваше со нас, падна за слободата на својот народ. Со својата храброст и одлучност, борците во антифашистичката борба ни го покажаа патот кон слобода , еднаквост и напредок. На овој ден, меѓутоа и секој друг ден оддаваме почит на нивната пожртвуваност , борбеност, истрајност и визија.“ – кажа Георгиески – Претседател на ОО на Сојуз на борци.
Свеченоста беше збогатена со културно уметничка програма во која со рецитали за Охрид настапија ученици од охридската гимназија и градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ под диригентската палка на Бурим Хидри.