Охрид треба да се промовира како дестинација за верски туризам
Зимскиот период е богат со верски празници што претставува можност за развој на специфичен вид на туризам , како подвид на културниот, а тоа е религискиот туризам. Најголемите верски празници се надвор од главната сезона поради што е многу важно да се привлечат што поголем број приврзаници на религиозниот туризам во тој период од годината, со што ќе се продолжи туристичката сезона. Како најдобар пример е празникот Богојавление Водици кој го вбројува Охрид во европската и светската мапа на верски туристички дестинации, вели проф. д-р Сашо Коруноски од Факултетот за туризам и угостителство Охрид.
„Трошоците за ваквите манифестации не се мали и често ефектите во туризмот не ги покриваат нив, но тие имаат свој придонес преку нивната промотивна вредност. Значи Охрид мора прво да ги систематизира вредностите што ги има во однос на, пред се, духовното религиско наследство , да ги направи како посебни самостојни или дополнителни културни рути , да се поврзе во европски рамки.“ – вели проф. д-р Сашо Коруноски – ФТУ Охрид.
Охрид во светот е препознатлив како град со 365 цркви, град од каде што потекнала словенската култура и писменост со огромно и специфично материјално и духовно наследство. Таа можност за развој на религискиот туризам треба да се искористи за што од клучно значење е неговата промоција.
„Многу е важно Охрид да се организира и со помош на креативните индустрии како филмот, музиката и други елементи и да направи една сериозна промоција на ваквите настани со што би се сместил во врвот на европските престолнини за верски туризам. Треба да се настапи преку Агенцијата за промоција на туризмот со нивна поддршка креативните индустрии да направат такви промотивни материјали кои ќе бидат насочени на пазарот кон оние туристи кои практикуваат верски туризам. “ – посочува проф. д-р Коруноски
Промоцијата на Охрид како дестинација за религиски туризам ќе даде дополнителна вредност генерално на градот како туристичка дестинација и ќе ја намали сезоналноста во туризмот.