Охрид речиси полн за најлудата ноќ
Охрид ќе биде речиси полн за новогодишните празници. Околу 90 отсто од капацитетите на охридските хотели веќе се распродадени и резервирани. Најбројни се гостите од соседството, Бугарија, Грција и Србија. А пријатно изненадување за менаџерите на хотелите за дочекот на Нова годна во Охрид, претставуваат закупените аранжмани на турските гости.
Охридските хотели активно се подготвуваат да бидат добри домаќини за пречек на гостите кои решиле новогодишните празници да ги поминат во најатрактивниот туристички центар во земјава. Дел од нив имаат добар мотив за тоа, како што ни изјавија одговорните за продажба во дел од хотелите – постои голем интерес од страна на странските гости за пакет аранжманите кои им се понудени за време на новогодишните празници.
„До сега имаме склучено договори со нашите партнери кои се наши долгогодишни соработници и се работи за партнери од Бугарија, Србија и за изненадување оваа година има голем интерес и од Турција, – вели Љупчо Цветкоски од хотел „Климетица“.
Хотелот слично како и минатата година го дадовеме под закуп 90% од капацитетот на бугарски партнер, бугарска агенција. Минатата година исполнаа према договорот и оваа година очекуваме 90% од собите тоа се околу 150 соби во закуп да ги пополнат гостите од Бугарија – изјави Атанас Николоски од хотел „Белви“.
Има интерес за хотел Милениум и покрај тоа што сме распродадени целосно, сеуште се јавуваат гости се интересираат“ нагласи Драгица Костоска.
Цените за пакет аранжман хотелско сместување со вклучена новогодишна забава се идентични како минатата година и се движат од 100 – до 150 евра. Има попусти, но и новини во понудата за Нова година, за кои што дел од менаџерите ги открија деталите а дел не.
„Ние не одиме само на новогодишната вечер, туку два дена претходно имаме програма, значи еден ден имаме прошетка на Охрид, една вечер запознавање на ноќниот живот на кафетериите во Охрид и свечената вечера. Специјално минатата година почнавме за прв пат веруваме дека и годинава временските услови ќе ни го дозволат тоа, доручекот на 1 ви јануари да биде на плажата на еден од баровите, како еден новитет за гостите во еден зимски амбиент на Охридското езеро. За музичката програма и за забавниот дел сеуште се договара така да не би открила сеуште ништо официјално.“
Инаку, се очекува најбројни и овојпат за новогодишните празници да бидат гостите од Србија, Бугарија, Грција и Албанија, кои веќе традиционално го избираат Охрид за новогодишните празници и како новина гостите од Турција, поради поволната понуда на сместувачките капацитети и потврдената добра забава. Посетеноста на Охрид од домашни гости ќе се знае две недели пред дочекот на најлудата ноќ, бидејќи искуствата на хотелиерите зборуваат дека тие најчесто во последен момент ги прават резервациите.
{loadposition content9}