Skip to main content

Светски ден на борба против СИДА

Во Охрид годинава регистрирани три нови случаи на лица инфицирани со ХИВ/СИДА

Во македонија 505 лица живеат со ХИВ/СИДА.  Во светот и кај нас денеска се одбележува 1 Декември – Светскиот ден на борба против СИДА. Црвен крст Охрид организира  низа  активностите по повод Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА со цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата но и  тестирањето за секое лице да го знае својот хив статус.
 |  Маја Савиќ  | 

Расте бројот на новорегистрирани случаи на инфекции со ХИВ вирусот  и на ниво на држава и во Охрид. За разлика од минатата година кога имавме два новорегистрирани слуачии на ХИВ/СИДА, оваа година има три нови случаи во Охрид. Д-р Јованка Стурлакова Коровешоска –  специјалист епидемиолог, денеска по повод 1 Декември – Светскиот ден на борба против СИДА, ги презентираше податоците за состојбата со инфекции со ХИВ вирус на територијата на целата држава и во регионот на Охрид.

„Минатата година и годинава имаме зголемен број на заболени. Имаме три новорегистрирани случаи, од коишто едниот е во возрасна група од 25-29 години, другиот е нешто постар во возрасна група од 35 – 39 години и третото лице е на возраст 50-59 години. Едно од нив е  припадник на мсм популација (мажи кои имаат секс со мажи), еден е бисексуалец и третото лице е хетеросексуалец.“ – кажа Д-р Стурлакова Коровешоска.

На ниво на држава годинава има 46 нови случаи на ХИВ/СИДА од кои најголемиот број се од машки пол (42лица) а  4 лица се од женски пол.  Според начинот на трансмисија на вирусот 22 лица од новорегистрираните случи се мажи кои имаат секс со мажи, додека 20 лица се хетеросексулани и 4 лица се бисексуалци. Оваа година од сида починале 3 лица. Во Македонија 505 лица живеат со хив/сида.

Светскиот ден и Неделата на борба против СИДА годинава во светот и кај нас се одбележува под мотото „НЕКА ЗАЕДНИЦИТЕ ВОДАТ“  потенцирајќи го значењето и важноста од заедничкото делување во борба против СИДА-та.  

Овој ден претставува заедничка борба, не само медицинска туку и општествена, во која секој сегмент има клучна улога во подигање на нивото на свеста во јавноста за СИДА и поддршка на оние кои живеат со ХИВ, вели Даниела Велјановска, дипломиран социјален работник  од Црвен Крст Охрид кој со низа активности е активно вклучен во кампањата.

„Денес волонтерите од Клубот на млади од Црвен крст Охрид низ охридските улици, кафулиња на минувачите, посетителите ќе им ставаат црвени панделки како универзален симбол за подигнување на свеста дека СИДА-та постои и како поддршка за оние кои живеат со СИДА. Ќе се дели и едукативен материјал, кондоми и совети за превенција и заштита од ХИВ/СИДА.“ – изјави Велјановска.

Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните знаења за ХИВ вирусот, начин на пренесување и заштита. Во текот на Неделата на борба против СИДА (01-07.12.2023 г.)  планирани се интерактивни едукативни предавања и работилници со младите во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата.

Активностите  во кампањата на Црвен крст Охрид за борба против ХИВ/СИДА се поддржани од Фондацијата  за деца во здравствен ризик од Канада.