Охрид се подготвува за прослава на Богојавление Водици
Охрид се подготвува за одбележување на големиот христијански празник Богојавление Водици. Традиционалниот Водосвет и положувањето на светиот Крст во водите на езерото се очекува и годинава да привлече илјадници верници од земјава, регионот и гости од странство. Масовната црковно – народна манифестација ја организира МПЦ-ОА односно Дебарско-кичевската епархија во соработка со Општина Охрид и сите помагатели во организациониот одбор.
Прославата на празникот ќе започне со утринска богослужба од 07:00 часот додека божествената литургија ќе почне во 08:30 часот. Централната прослава на празникот ќе биде во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско каде ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско – кичевски г.Тимотеј, исто така ќе има служба во црквата Св.Никола Геракомија од каде потекнува оваа традиција, како и во останатите парохиски цркви.
Чинот на положување на Чесниот крст во водите на езерото ќе биде во 10:00 часот на градското пристаниште. Во тек е пријавувањето на капачите, информира Илија Ристески, претставник од Дебарско-кичевската епархија.
„Во тек е пријавувањето за оние кои ќе сакаат да учествуваат во самиот чин на осветување на водата и положувањето на Чесниот крст во водите на Охридско Езеро. Има пријави и од други градови, од Струмица, Скопје, Битола и други, кој сака може да се пријави во црквите. На денот на празникот во 12:00 часот во месноста Сараиште ќе има групно крштевање. Повикуваме сите кои се заинтересираните може да се пријават кај парохискиот свештеник во црквата Св. Никола Геракомија., – рече Ристески.
По чинот на Богојавленскиот водосвет, на градскиот плоштад ќе се одржи забавна програма за посетителите, а ќе настапи групата Next time. Покрај на 19-ти јануари, настани ќе има и следниот ден, за Денот на рибарите, Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кажа дека Охрид ги очекува традиционално домашните гости и странците за кои оваа манифестација на празнување на Водици е посебно привлечна.
„Водици сам по себе бил привлечен особено за туристи, кои традиционално го полнат градот. Се надевам дека ќе имаме убаво време со пријатни температури за граѓаните да уживаат не само при самиот чин на фрлање на крстот туку преку целиот ден. Многу значи што е во продолжен викенд, па покрај домашните туристи, сигурен сум дека ќе привлече и странски туристи, сите оние кои слушнале за оваа манифестација која претставува можеби најголем ден за Охрид и охриѓани, ќе сакаат да ја посетат и да видат како ние го прославуваме Богојавление – Водици како охриѓани – . рече Пецаков.
На денешниот координативен состанок на организациониот одбор, присуствуваа претставници на Дебарско-кичевската епархија, општината, јавните претпријатија, СВР Охрид, Капетанија, Брзата помош, Црвен крст и нуркачките клубови.