Skip to main content

Инфраструктура

Охрид во сезoна, градилиште или туристички центар?

Додека туристичката сезона е во полн ек, Охрид повеќе личи на градилиште, отколку на туристички центар. Роковите, одамна пробиени.
 |  Голабовски Крсте  | 
Македонски просветители

Додека туристичката сезона е во полн ек, Охрид повеќе личи на градилиште, отколку на туристички центар.

Охриѓани негодуваат, додека туристичката сезона е во полн ек, срцето на Охрид повеќе личи на градилиште отколку на туристички центар. На крајот на месец ноември минатата година, Градоначалникот Пецаков најави дека Охриѓани и туристите со новоизградената улица „Македонски просветители“ во самото срце на Охрид, ќе добијат ново булеварско решение, двосмерна велосипедска патека, две пешачки патеки, две коловозни ленти и паркинг префрлен од друга страна, со реализација на косо паркирање под агол од 45 степени.

Во месец април годинава пак, на седница на совет, кога започна изградбата на таканаречената трета фаза од реконструкцијата на оваа улица, Пецаков оптимистички најави дека градежните работи ќе бидат завршени во предвидениот краен рок за изведба, 1-ви јуни.

„Рокот за изградба на таа улица е до 01.06, дефиниран, имаме чести состаноци и со изведувачи и со надзор и со буквално сите служби коишто работат, зошто и сите јавни претпријатија се вклучени во самата изградба на проектот.Во однос на фазите , во втората фаза, ние до 15ти март го завршивме она што е наша обврска. А за третата фаза која од денеска започнува како градежна активност, ќе бидеме готови некаде помеѓу 15 ти и 20 мај“ – кажа градоначалникот Пецаков.

Од предвидениот краен рок, до денес, речиси еден месец подоцна, видовме само делумно изградена една третина од улицата, со користење на разноразни материјали, ред макадам, ред асфалт, ред гранитни плочи, ред помал макадам, и повторно ред асфалт.

Уште гледаме хаос во сообраќајот во време кога бројот на автомобили поради туристичката сезона во Охрид се зголемува за неколку пати.

Видовме хортикултурно решение на среден разделен цветен појас измиен при првиот пообилен дожд и очајно малку зеленило.

Квалитетот на изведбата на улицата е сосема друга приказна, а нивелацијата на тротоарите и на самата улица, техника која дури римјаните ја совладале, за нашите изведувачи за жал сеуште претставува проблем.

Но, да оставиме на техничкиот прием да покаже колку улицата е квалитетно и технички издржано изградена или да оставиме на вистинскиот тест, првиот пороен дожд, да покаже како функционира сепарацијата на атмосферската и фекалната канализација и изведбата на самата улица.

Сопствениците на дуќаните на овој потег, само чекаат да биде покриена прашината пред сопствениот дуќан.Она што најмногу загрижува е фактот што шансите да се пушти во употреба, па макар и наредниов месец, се речиси нула, а за потсетување, од 1ви јули стапува на сила и мораториумот за градење во централното градско подрачје, донесен токму од локалната самоуправа.


Во период од 1-ви јули до 31-ви август годинава се забранува изведување градежни работи од типот висока и ниска градба, прекопувања на улици, тротоари и патеки на подрачјето на Општина Охрид. Оваа забрана важи за просторот под улица „Туристичка“ до Eзерото и тоа на потегот од „Билјанини извори“ до реката Даљан, просторот над улица „Туристичка“ во длабочина од 50м и туристичките локации на потегот од каналот Студенчишта до манастирскиот комплекс Св. Наум. Одлуката за забрана за изведување градежни работи во летниот период во Охрид е во согласност со член 62 од Законот за Локална самоуправа и член 83 од Статутот на Oпштина Охрид.

Реконструкција на улицата „Македонски Просветители“ на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до кружниот тек на плоштадот е инвестиција која се реализира како дел од „Проектот за поврзување на локални патишта” со финансиска поддршка од Светска банка.

Започна кон крајот на ноември минатата година, а ја чини локалната самоуправа дополнителни 50 милиони денари кои не биле предвидени во проектот кој оваа локална власт го наследи.