Skip to main content

Охрид, пaк се сопна на изгледот „ефтин панаѓур“

Се одбројуваат последните денови  од главната туристичката  сезона на Лето 2010. Но, Охрид како домаќин на посакувана туристичка дестинација повторно се сопна на изгледот „ефтин панаѓур“.

 |  Валентина Неловска  | 
TVM
TVM

Се одбројуваат последните денови  од главната туристичката  сезона на Лето 2010. Но, Охрид како домаќин на посакувана туристичка дестинација повторно се сопна на изгледот „ефтин панаѓур“. Во надминување на минатогодишниот  панаѓурски туризам,  на туристичкиот бисер  не му  помогнаа ни новиот Правилник за поставување на урбана опрема изгласан од охридските советници, ниту  поделбата на локации која се одвиваше за прв пат преку лицитација. По охридската чаршија,  кејот и шеталиштето се тргуваше нелегално. На Кејот единствено покрај дозволените фрижидери за сладолед, слободно се купуваа  семки, пченки, крофни. Инспекциските служби повторно затаија иако два месеци пред стартот на сезоната беше нагласено дека секторот за урбанизам нема законска можност да издава одобренија за  импровизирани тезги на кои ќе се продава храна.

Состојбата во градов покажа дека се реализира само дел од програмата која предвидуваше ставање ред на урбаниот хаос. Наместо  да се среди кој , каде легално ќе продава се повтори  истата слика од лани. Така  реквизитите за детска забава кои се најавуваа дека ќе бидат лоцирани на малиот полигон и на СРЦ „Билјанини извори“ останаа на шеталишптетото. Ова лето беа зајакнати со бокс автомати. Шетачите пак беа ненадејно погодувани и со светлечки, летечки реквизити кои на овој начин го привлекуваа вниманието и се нудеа за продажба. Никаде ги немаше јавните тоалети најавувани во програмата  за поставување на урбана опрема.  Првиот човек на градот, градоначалникот  Александар Петрески за ТВМ изјави дека не е целосно задоволен од туристичката слика на градот. Вели „Можеше да биде и поорганизирано, но споредено со лани сепак е подобро“. Иако градскиот татко  пред почетокот на сезоната, убедливо ветуваше ставање ред во урбаниот хаос, тоа не се случи. Петрески сега вината ја насочува кон себичноста на сопствениците, при тоа амнестирајќи се себе си и неговите служби од било каква одговорност. Тој вели „Во трката за профит  сопствениците гледаат интерес само за себе и имаат неодговорен однос кон градот. Сопствениците вадат урбана опрема, а мал дел од нив го плаќаат закупот за маси и столици“, објаснува градоначалникот. Додава дека сликата на туристички центар ја нагрдуваат со своето однесување повеќето таксисти, келнери, високите цени во ноќните клубови, чекачите на гости со натписи по улиците. Според Петрески полоша е сликата  која  туристите ја носат од  патната инфраструкура на двата патни правци по кои се доаѓа во Охрид, со ударни дупки на коловозот  и со нечиста околина од смет.

 {loadposition content9}