Охрид СОС: Испорака на нови барања и забелешки од Унеско од јунскиот состанок
Палењето на трската и урбанизацијата посебно во струшкиот дел на крајбрежјето е притисок Охрид и Езерото да го загубат статусот на заштитено културно и природно наследство. Целта е да се напушти сегашниот комплициран Закон за градба, смета Трајче Талески од здружението на граѓани СОС.
Нови барања и забелешки очекуваат од граѓанското здружение СОС за македонската Влада од страна на Унеско од состанокот кој ќе се одржи во јуни во Баку, каде што ќе заседава Комитетот за светско наследство при УНЕСКО. Таму ќе се решава дали Охрид ќе го стави на листата на културно и природно наследство во опасност. Пред година и пол беа испорачани 20 барања според забелешки кои не се во согласност со критериумите на Унеско, за градот и Езерото да не бидат ставени на листата на загрозени подрачје под заштита на Унеско. 8 април беше крајниот рок за доставување на документите до Унеско за тоа што е сработено по констатираните недостатоци од Реактивната мониториниг Комисија. Од Охрид СОС немаат точна информација какви документи се испратени до Унеско, но велат дека според нив се останати голем дел нерешени проблеми. Освен поништувањето на одлуките за изградба на ски центарот и експресниот пат низ НП Галичица, нема изработено Студија за влијание врз животната средина за изградбата на желзничката пруга и автопатот кон Ќафасан.Нема ни список на дивоградби изградени од 2015 година, урбанистички план за 19 урбани единици во старото градско јадро, набројува дел од забелешките на Унеско, Трајче Талески од здружението на граѓани „СОС“.
„Тука треба да се напомене дека кога Унеско дава по втор пат неповолен извештај тогаш се прошируваат барањата за земјата членка на Унеско или регионот прогласени за заштитени подрачја. Доколку не се прогласи дека се во опасност може да се очекуваат над 30 нови барања. Тогаш се чувствува несериозоста на државата за подрачјето кое е заштитено под Унеско“, подвлекува Талески.
За последните случувања со палењето на трската и неконтролираната урбанизација на струшкиот дел на крајбрежјето , Талески смета дека станува збор за дополнително загрозување на статусот под Унеско.
„ Во Струга се гради во заштитениот појас, се пали трската која е дел од заштитениот дел од езерото. Ова се некакви притисоци Охрид и Езерото да го загубат статусот на културно и природно наследство под Унеско. Тоа на некого му одговара, особено заради тоа што Законот за градба е комплициран. Со бришењето од Унеско градењето ќе биде поедноставно, а брегот ќе ни биде велеград“, вели Талески.
УНЕСКО постојано внимателно ги следи сите случувања во Охрид и на Охридското Езеро во изминатите 15 месеци. Своите одлуките нема да ги базира само врз извештаите на градот или државата, напоменува Трајче Талески од граѓанското здружение СОС.