Skip to main content

Охрид SOS бара воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар

Денес Охрид SOS поднесе иницијатива до Министерство за животна средина и до Министерство за здравство за воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар. „Ова не е апстрактно правно прашање. Пред само неколку недели, во Струга, видовме што значи кога тие зони не постојат и зошто тие мора да постојат.“- велат од Охрид СОС.
 |  инфодеск  | 

Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS информираа дека доставиле барање до МЖСПП и Министерството за здравство за воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар.

– Врз основа на Законот за водите (Службен весник на РМ 87/2008 и понатамошните измени), конкретно член 98 со кој се предвидува задолжително воспоставување на санитарно-заштитни зони за водни тела кои се користат или се наменети за снабдување со вода за пиење, со овој допис формално иницираме започнување на постапка за утврдување и прогласување на санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар, на територијата на Општина Охрид. Согласно законската рамка, надлежноста за започнување и водење на постапката за утврдување на заштитни зони е во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање, додека Министерството за здравство учествува со стручно мислење од аспект на заштита на јавното здравје. Билјанини извори – Беј бунар претставуваат значајно водно тело со посебна природна, еколошка и водоснабдителна вредност и се наоѓаат во чувствителен регион кој претставува жариште на биолошката разновидност. Просторот околу изворите во последните години забрзано се урбанизира и е изложен на интензивирачки антропоген притисок, што создава реален и зголемен ризик по квалитетот и безбедноста на водата, како и по интегритетот на поврзаните екосистеми, велат од Охрид СОС.

За водни тела кои се користат или се наменети за снабдување со вода за пиење задолжително се утврдуваат потесна санитарна зона и пошироки заштитни зони, посочуваат од Охрид SOS повикувајќи се на член 98 и член 99 од Законот за води. Потенцираат дека иако водата од Билјанините извори – Беј бунар со децении се користи за водоснабдување на Општина Охрид, законската обврска за прогласување заштитни зони до денес не е исполнета.

-Имајќи го предвид наведеното, бараме: Министерството за животна средина и просторно планирање: да започне управна постапка за утврдување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори – Беј бунар; да иницира изработка на соодветна хидрогеолошка и санитарна студија, која задолжително ќе ги земе предвид еколошките карактеристики и чувствителноста на поширокиот простор, вклучително и непосредната поврзаност со заштитените/високо вредни подрачја како Студенчишкото Блато, Мазија и Охридското Езеро; да ја вклучи Општина Охрид и други релевантни субјекти во постапката; по обезбедување на потребните мислења, да достави предлог до Владата за формално утврдување на заштитните зони. Министерството за здравство да изготви стручно мислење за потребата од воспоставување санитарно-заштитни зони од аспект на заштита на јавното здравје, со утврдување на режими кои обезбедуваат висок степен на заштита во сите три зони. да го достави мислењето до Министерството за животна средина и просторно планирање како основ за водење на постапката, се вели во соопштението од Охрид СОС.

Подвлекуваат дека иницијативата се поднесува во интерес на заштита на водните ресурси, зачувување на биолошката разновидност и заштита на здравјето на населението. Воедно, очекуваат, согласно Законот за општата управна постапка, по оваа иницијатива да се постапи во законски предвидениот рок, односно најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот, со донесување на соодветен акт или известување за преземените дејствија.