Skip to main content

Охрид СОС ги повикува граѓаните да ја потпишат петицијата за запирање и повлекување на ДУП

Предлог-планот претставува сериозна закана за културното и архитектонското наследство во самиот центар на Охрид. Со неговата реализација, а за изградбата на четирикатница долга преку 100 метри и комерцијални објекти, би бил уништен училишниот парк на ОУ Григор Прличев, дворот на детската градинка, јавното урбано зеленило и трајно би се нарушил изгледот и духот на оваа мирна урбана целина, посочуваат од Охрид СОС.
 |  инфодеск  | 

Граѓанската платформа Охрид СОС ги повика граѓаните да ја потпишат петицијата за запирање и повлекување на деталниот урбанистички план кој предвидува рушење на неколку објекти, меѓу кои и уникатната градска куќа, како и Здравствениот дом – Маларична и две вредни згради од модерната архитектура – детската градинка и старата училишна зграда на ООУ „Григор Прличев“.

Предлог-планот претставува сериозна закана за културното и архитектонското наследство во самиот центар на Охрид. Со неговата реализација, а за изградбата на четирикатница долга преку 100 метри и комерцијални објекти, би бил уништен училишниот парк, дворот на детската градинка, јавното урбано зеленило и трајно би се нарушил изгледот и духот на оваа мирна урбана целина, посочуваат од Охрид СОС.

Ваквиот урбанистички план е спротивен на принципите на заштита на културното наследство и носи непоправливи последици за урбаниот пејзаж на Охрид. Наместо почит кон историските слоеви на градот, се предлага бришење на објекти кои се дел од колективната меморија на охриѓани. Граѓаните не беа соодветно информирани и вклучени во процесот, што дополнително го поткопува легитимитетот на донесените одлуки, велат од Охрид СОС.

Бараат повлекување на урбанистичкиот план и изработка на ново решение кое ќе ја почитува историјата, културниот идентитет и интересот на граѓаните. Нов план кој дополнително, ќе биде ускладен со Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот Регион.

Со зачувување на овие објекти и јавни простори, ги штитиме не само архитектонската вредност, туку и автентичниот дух на градот. Апелираме до надлежните институции да ја слушнат волјата на заедницата и да преземат одговорност пред историјата и идните генерации, апелираат од Охрид СОС.

Можете да ја потпишете петицијата ТУКА. Можете да се најавите со e-mail адреса или преку вашиот Facebook профил, а достапна е опција за потпишување без регистрација. Постои можност и за анонимен потпис.