Охрид станува единствен по уште едно уникатно дело
Археологот и конзерватор Никола Упевче со огромна љубов, трпение но и знаење изработи мозаик со мапа на кој е преставено старото градско јадро. Тоа не е само уметничко дело пред кое посетителите ќе се воодушевуваат туку оваа мапа е направена со таква прецизност и точност што ги опфаќа сите важни културно историски знаменитости со нивните карактеристики и скриени пораки. Тој се надева дека мозаикот ќе биде поставен на некое порепрезентативно место во градот каде ќе имаат можност да го видат и охриѓани, но и гостите кои доаѓаат во Охрид.
Охрид станува единствен по уште едно уникатно дело. Археологот и конзерватор Никола Упевче со огромна љубов, трпение но и знаење изработи мозаик со мапа на кој е преставено старото градско јадро. Тоа не е само уметничко дело пред кое посетителите ќе се воодушевуваат туку оваа мапа е направена со таква прецизност и точност што ги опфаќа сите важни културно историски знаменитости со нивните карактеристики и скриени пораки. Упевче вели дека тој што ќе може да ја протолкува мапата ќе може многу да дознае за градот односно за двата града кои постоеле на овие простори, а тоа е стариот Лихнид и денешниот Охрид. Мапирањето и скицирањето е направено со помош на интернет технологијата, што го прави ова дело единствено.
Идејата се појави со развитокот на технологијата. Јас сакав да знам како изгледало калето уште пред да се појави Google map. Јас ја искористив технологијата за да ја позиционирам мапата и да го изработам целиот град со сите специфичности кои ги има, и не случајно се сите оние ѕидчиња, скали и други елементи на некои локалитети кои многу добро ми се познати и на кои имам и работено како конзерватор и реставратор, објаснува Упевче.
Овој мозаик настанал како резултат на децениска макотрпна работа на уметникот, со часови составувајќи ги камчињата за да добие една фасцинантна целина. Упевче користел автентични камења од охридскиот регион, но и ретки материјали од разни страни на светот. На мозаикот со златна боја претставено е и богатството кое е скриено под денешните градби.
Многу од камењата се локални на пример оние со кои го имам преставено Канео се баш од Канео, материјалите се природни од околината, но повеќето се донесени од Италија од една престижна фабрика која изработува стакленца, таканаречени смалти, од „Ангело Осони“ – позната фабрика од Венеција, Италија, која произведува такви стакла, како и специфичниот камен „лапус лазули“ којшто доаѓа од Авганистан и уште од дамнешни времиња бил многу скапоцен минерал, објаснува Упевче.
Упевче успеа овој мозаик да го однесе и да го покаже на интернационална изложба во Рим каде доби навистина само пофалби за неговото делоод врвни стручњаци во оваа област, а моменталносите што сакаат да го видат можат да го посетато атељето на неговиот татко, познатиот ликовен уметник Славко Упевче. Никола се надева дека во иднина мозаикот ќе биде поставен на некое порепрезентативно место во градот каде ќе имаат можност да го видат и охриѓани но и гостите кои доаѓаат во Охрид.
Се надевам дека ќе наидам на разбрање кај градските власти и ќе го поставиме на некое јавно место и овој мозаик ќе биде достапен за пошироката публика и за туристите кои доаѓаат во Охрид, поблиску ќе се запознаат и ќе добијат еден впечaток и еден мој уметнички израз кој ги претставува позначајните археолошки локалитети и цркви кои ги изобилува Охрид, истакна Упевче.
Никола Упевче не застанува тука. Тој на некој начин ја возобнови древната техника на изработка на мозаици, а има работено и на конзервација и реставрација на бројни значајни мозаици во Охрид. Продолжува и понатаму да твори, но и да го заштитува она што сме го наследиле. Вели дека градот и државата мора посериозно да се заложат за да се зачува и заштити богатството што претците ни го оставиле како аманет.