Ohrid TechAthlon ги поврзува младите, академијата и бизнис-секторот

Вештачка интелигенција, програмирање и иновативни стартап-решенија во следните три дена се во фокусот на Ohrid TechAthlon 2026.
Од идеја до прототип, од едукативни работилници до можности за поврзување со потенцијални работодавци. Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид денеска ги отвори вратите за Ohrid TechAthlon 2026, тридневен настан посветен на технологијата, иновациите и претприемништвото. Организаторите очекуваат голем број учесници, а во програмата се вклучени околу 15 компании од бизнис-секторот.
„Многу сме горди на овој настан, Ohrid Techathon. Значи претставува една голема чест за нас затоа што во еден настан ги спојуваме академскиот свет, индустријата и младите. Особено е важно затоа што ќе има едукативен дел. Започнуваме во петокот со едукативни работилници, исто така и саботата, а официјалниот настан, односно хакатонот продолжува сабота и недела кога ги доделуваме наградите.“ – изјави Александар Карадимче, професор на УИНТ „Св. Апостол Павле“.
Програмата опфаќа предавања, практични работилници и менторски сесии од областа на вештачката интелигенција, веб-развојот, дизајнот и дигиталниот маркетинг. Посебен акцент е ставен на практичната работа, при што учесниците ќе формираат тимови, ќе развиваат сопствени идеи и ќе работат на создавање прототипи и бизнис-модели, со поддршка на 20 ментори.


Во сабота е предвиден и Бизнис експо и саем за кариера, на кој компаниите ќе ги претстават своите активности, но и можностите за практикантска работа и вработување.
„Имаме бизнис експо дел во сабота од 12 часот. Настанот е отворен за работодавци, за млади кои што сакаат да најдат свое вработување, затоа што самите компании ќе дојдат на тој настан и ќе зборуваат за кариерниот развој нивен и можност за пракса, работа и слично. Така да тој дел очекуваме голема посетеност.“ – вели проф. Карадимче.
Кулминацијата на Ohrid TechAthlon е во недела, кога тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред стручно жири, по што ќе бидат прогласени најдобрите и ќе бидат доделени наградите.
Настанот е во организација на Охрид Тех Сити, во соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, со цел да се поттикне поврзувањето на младите таленти со академската и бизнис-заедницата и да се создадат нови можности за развој на технолошкиот и стартап-екосистемот во регионот.









