Skip to main content

Во недела посебен сообраќаен режим поради одржувањето на јубилејното 10. издание на Охрид Трчат

„Станува збор за едно утро, односно за најмногу три до четири часа. Ве молиме за трпение и разбирање со цел успешна реализација на настанот“, порачуваат организаторите.
 |  инфодеск  | 

Охрид викендов ќе биде домаќин на јубилејното 10. издание на спортската манифестација „Охрид Трчат“, која ќе собере повеќе од 2.400 учесници од 31 држава. Организаторите ги повикуваат граѓаните на разбирање и почитување на привремениот сообраќаен режим што ќе биде во сила во недела, 7 јуни 2026 година.

Од организацијата апелираат до граѓаните да покажат почит и разбирање кон сите учесници кои избрале да дојдат во Охрид и да уживаат во неговите природни и културни убавини.

Поради одржувањето на трките, на 7 јуни (недела), во периодот од 07:45 до 11:15 часот, ќе биде целосно затворен сообраќајот на повеќе градски улици, меѓу кои: Кеј Македонија, Македонски Просветители, Партизанска, Јане Сандански, Димитар Влахов, Булевар Туристичка, Абас Емин, Кирил и Методиј, Илинденска, Коста Абраш, Патека Студенчишта и Свети Наум Охридски.

Организаторите ги повикуваат граѓаните навремено да ги паркираат своите возила на соодветни локации и да ги почитуваат насоките на редарите, волонтерите, судиите, сообраќајната полиција и поставената сигнализација.

Како алтернативни паркинг-простори се посочени паркингот кај Горна Порта, просторот зад Центарот за култура „Григор Прличев“ и паркингот кај поранешниот спортски полигон.

Од организацијата предупредуваат дека возилата кои нема да бидат паркирани согласно препораките и сообраќајниот режим ќе бидат дислоцирани во координација со сообраќајната полиција и пајак-службата на ЈП „Билјанини Извори“.

„Станува збор за едно утро, односно за најмногу три до четири часа. Ве молиме за трпение и разбирање со цел успешна реализација на настанот“, порачуваат организаторите.