Охрид во овие студени зимски денови нема прифатен центар за бездомници
Охрид во овие студени зимски денови нема прифатен центар за бездомници. Со објект за згрижување на лица без кров на глава или лица во социјален ризик не располагаат ни општинскиот Центар за социјални работи ни организацијата на Црвениот крст. Центарот за социјални работи е без шелтер центар веќе 4 години.
Во Охрид ноќните температури на воздухот се спуштаат под нулата.Од министерството за труд и социјална политика има препорака до сите центри за социјална работа да ги згрижуваат бездомните лица во прифатилишта.
Дали во нашиот град постојат услови за згрижување на лица без кров на главата или кои живеат во домови под нормални стандарди за живеење се обративме во охридскиот центар за социјални работи. Директорот на центарот не информираше дека во Охрид имаат евидентирано само едно бездомно лице. Кажаа дека нивниот центар не располага со објект каде што би го сместиле ова лице. Се обративме и до ОО ЦК со прашање какви се нивните можности за помош на лицата кои деновиве се изложени на минусни температури. И од таму напоменуваат дека охридската организацијата на црвен крст не располага со прифатен центар. Мимоза Ставрева, секретар на ОО ЦК, напоменува дека тие помагаат на категоријата социјални лица кои живеaт под ризик според капацитетите во рамките на нивните социјално хуманитарни дејности.
„ Кога се работи за овие лица секогаш кажуваме во што се состои нашата помош и со кој капацитети располагаме. Најчесто е помош во хигиенски пакети и пакети со храна, облека, ќебиња се што може да им се најде. Помагаме во случаи на пожар или ако во домот не се живее. Црвениот крст со волонтерите во акции во изминативе години помагал во градење на куќи, соби или купатила , но се во рамките можнстите со кои располагаме во даден момент “, напоменува Ставрева.
Инаку, Охрид остана без шелтер центар пред 4 години. Тогашното министерство за труд и социјална политика го укина. Општинскиот центар сега очекува да профункционира шелтер центарот, а за потребите го известиле и ресорното министерство.