Ohrid Water Festival продолжува со богата програма на спортски и забавни настани

Настаните во рамки на Ohrid Water Festival продолжија и во изминатите седум дена, исполнувајќи го Охрид со спорт, забава и активности на вода.
Централно место во програмата имаше 39. Охридски пливачки маратон, на кој победничките титули ги освоија италијанскиот пливач Алесио Окипинти и аргентинската пливачка Мајте Ајлен Пука.

Окипинти 25 километри долгата патека „Климе Савин“, од Свети Наум до Охрид, ја преплива за 5 часа, 03 минути и 44 секунди, додека Пука до целта стигна со време од 5 часа, 20 минути и 44 секунди.
Првите честитки на победниците на целта на кејот на Охридското Езеро им ги упатија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Покрај маратонот, во рамки на фестивалската програма се одржаа и два настани посветени на промоцијата на рекреативното нуркање за најмладите, преку кои децата имаа можност да се запознаат со нуркањето како спорт и рекреативна активност.

Во рамки на фестивалската програма се одржа и Четвртиот меѓународен пливачки митинг „ОВФ 2026“, Кајак регатата Струга–Охрид, Меч рејс регатата на едрилици, како и СУП јогата на вода.

Спортските настани на вода продолжуваат и во текот на оваа седмица, а од четврток 26.08.2026. година стартува и музичкиот дел од програмата, со концерт на Ѓоко Танески.









