Skip to main content

Охрид со засилена градежна активност пред почетокот на туристичката сезона

Со засилена динамика на терен, Охрид во наредниот период ќе продолжи со реализација на повеќе инфраструктурни зафати кои се дел од пошироката стратегија за модернизација на комуналната и патната мрежа во пресрет на туристичката сезона.
 |  инфодеск  | 

Охрид пред почетокот на туристичката сезона влегува во период на засилена градежна активност на повеќе локации низ градот и населените места. Се реализираат реконструкции на улици, комунална инфраструктура и поголеми капитални проекти. Целта, како што велат од општината, е подобрување на условите за живот и подготвеност за туристичкиот бран.

„Во Охрид во моментот имаме една градежна офанзива, градежна експанзија. Она што се клучни инфраструктурни објекти кои што во моментот се градат на цела територија, ќе издвојам неколку. Тоа е потегот Чинар или Крушевска Република во вкупна вредност од 45 милиони денари, понатаму паркот Ден Долард кој е со вредност од скоро 25 милиони денари, реконструкција на улица Прилепска со вредност од 8,5 милиони денари, имаме реконструкција на улици во населбата Бараки со вредност од 36 милиони денари, како и реконструкции во комплексот Охридати со инвестиција од околу 10 милиони денари.“-изјави секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.


Паралелно се работи и на комунална и патна инфраструктура во повеќе делови од градот и околните населени места.

„Имаме инфраструктурно во моментов решавање на градските гробишта каде што се асфалтираат улици. Пред асфалтирањето имаме и поставување на атмосферска канализација во вредност од 25 милиони денари. Имаме асфалтирање на патот Горно- Долно Лакочереј, каде што претходно е изградена примарна канализациона мрежа, нешто што со години се очекуваше. Имаме улица Кленоец реконструкција од 25 милиони денари, фекална канализација на улица Аџи Мустафа, асфалтирање во село Завој, како и инвестиции од околу 24 милиони денари во тој дел.“-вели Китески.


Освен патната и канализациската мрежа, од општината посочуваат дека значаен акцент се става и на водоснабдувањето.

„Пособено ќе ја издвојам промената на станицата за филтрирање и пумпите во пумпната станица во Метропол. Таму имавме филтри од 1986 година, каде што конечно сега ги променивме, во насока на подобрување на квалитетот на водата за пиење.Промената на пумпите е од големо значење, бидејќи со новите пумпи очекуваме околу 30% намалена потрошувачка на електрична енергија. Исто така, се воведува и СКАДА системот за управување и мониторинг, кој е од големо значење за да се намалат загубите на вода.“-посочува Китески.

Со засилена динамика на терен, Охрид во наредниот период ќе продолжи со реализација на повеќе инфраструктурни зафати кои опфаќаат различни сегменти од градската и руралната средина. Проектите се дел од пошироката стратегија за модернизација на комуналната и патната мрежа во пресрет на туристичката сезона.