
Охриѓанецот Марко Пејчиновски го најави неговиот најнов предизвик закажан за 28-ми август 2025 година. Марко ќе го изведе предивикот Ironman Triathlon кој се состои од вкупно 106,8 километри: 42,2 км ќе ги помине во трчање, 42,2 км во возење со велосипед и 22,4 км со пливање.
За Марко, мотивот за овој подвиг е потрагата по желба за живот.
-Борејќи се со искушенијата кои животот ни ги носи, непрепознатливо за мене, се изгубив и се оддалечив од Господ. Со тоа одвојување од Бога, како да го видов и почуствував пеколот во мене. Бев уплашен и изгубен. Самодовербата ми беше на најниско ниво и морав да се соочам со проблемите. Се исповедав, побарав прошка и разбирање од Бога, молејќи го да го земе мојот живот под контрола. Во истиот момент почувствував олеснување, мислите ми се избистрија и можев полесно да дишам. Тогаш знаев, морав да си поставам цел, да направам нешто, со што ќе си помогнам физички и психички. Дополнително ме мотивира фактот, дека за да успеам, ќе треба да се потрудам 100 пати повеќе отколку нормалниот човек. Сакам да докажам дека сѐ е до умот и дека никој нема да ме спречи во остварувањето на мојата цел. Тоа е мојата порака: Господ ни дал време, ова е наш живот и наш избор, како ќе го користиме, вели Марко.
“IRONMAN TRIATHLON” – предизвикот кој се состои од три маратони во еден за него претставува најисцрпувачкиот, најискушителниот и најтешкиот триатлон до сега токму поради тоа што не може да трча и скока, причина која го спречува да живее нормален живот во последниве девет години.
-Во видеото, со наведната глава јас барам прошка и помош од Бога. Како што ја чуствувам љубовта негова, ја подигнувам главата и со бистри мисли ја поставувам новата цел. Визуализирам како ќе се одвиваат работите, колку всушност е исцрпувачки целиот предизвик. Низ сите тие искушенија ме пратат гласовите на ангелите, пратени од Бога. Лекциите и зборови на охрабрување ми ја даваат потребната сила за да успеам. Откако завршува таа визуализација се наоѓам на местото на кое често наоѓам мир, вознесен од убавината на мојот град, психички се спремам за тоа што ме чека, кога од небото, го слушам гласот на мајка ми кој говори: “ Поентата беше да добиет желба за живот, Можиш да прајш нешто шо некој друг па неможит да го прајт.” Што всушност е мотивот за новиот предизвик “ Потрага по желба за живот”. Благодарност до „Перспектива Рекордс“ кои мојата замисла ја претворија во реалност. Се гледаме на целта! – вели Марко.