Охридската цреша до јуни годинава ќе биде брендирана
Охридската цреша е најбарана највкусна, а од годинава ќе стане бенд за Македонија. Најголема покриеност од црешови насади има во руралните средини Лескоец, Велгошти, Горно и Долно Лакочереј. Црешовите насади значат добар стопански развој за охридскиот регион, но и голем плус за целата држава.
Годинава охридската цреша ќе расцути како брендиран производ. Таа се најде меѓу дел од производите кои ќе станат заштитен македонски бренд. Оваа постапка сеуште е во процес на регистрација, доставен е елаборат за заштита на земјоделски производ од страна на Земјоделската задруга охридска черешна, како што информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Елена Тапанџиоска од секторот за квалитет на земјоделски производи вели дека до јуни треба да заврши целата постапка.
„Ние формиравме комисија како Министерство, што го оценуваме елаборатот и тој е разгледан од стручната комисија, но во моментов треба да има измена за поедноставување на процедурата од постапката од Законот за квалитет на земјоделски производи и се очекува да биде усвоен законот за да може елаборатот да биде прифатен и конечно да ја заштитиме Охридската цреша како заштитен производ со географска ознака“ – вели Тапанџиоска.
Од Агенцијата за поддршка за земјоделието Р.Е. Охрид, го поддржуваат брендирањето на Охридската црешна, велат дека македонските производи треба светски да бидат препознатливи. Билјана Ѓорчска од оваа агенција смета дека тоа требало да се случи порано.
„Тоа е добро бидејќи ако некој производ е брендиран тогаш ќе биде со многу поповолна цена на пазарот и ние ќе имаме производ со заштитно име од нашиот реон“ – изјави Ѓорческа.
Според законската регулатива, во земјава дефинирани се три ознаки за квалитет на македонските производи и тоа заштитена ознака за потекло, заштитена географска ознака и гарантиран традиционален квалитет. Заштитените ознаки не претставуваат само гаранција за квалитетот туку и за автентичноста на производот. Тоа пак значи дека купувачите можат да бидат сигурни дека нема да добијат производ со фалсификуван назив.
{loadposition content9}