Во рамки на „Охридска новогодишна приказна“, програма што се реализира по повод дочекот на Новата година, денес на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе се одржат повеќе настани наменети за сите генерации.
Програмата започнува во 12:30 часот со детската новогодишна театарска претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, во изведба на Детското драмско студио „Ден и ноќ“, која ќе донесе празнична магија за најмладите.
Во 14:00 часот следува концертот „Златни 80-ти“, во изведба на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“, под менторство на проф. Љупчо Аслимоски, кој ќе ги врати присутните во златната ера на музиката.
Новогодишната атмосфера ќе продолжи во 15:30 часот со настап на DJ Ace, по што од 20 часот следува музички перформанс на DJ Yuxell, со кој официјално започнува вечерната новогодишна програма.
Од 21 часот публиката ќе ја забавува Ѓоко Танески, а од 22:20 часот за веселата празнична атмосфера ќе се погрижи охридската фолк икона Ефто Пупиноски. Круна на вечерта ќе биде настапот на македонската поп ѕвезда Влатко Лозаноски, кој на сцената ќе излезе во 23:45 часот, додека забавата ќе продолжи и по полноќ со сетот на DJ Bagzi од 01:15 часот.
Со богата програма и разнолик музички избор, Охрид и оваа година ќе ја пречека Новата година со целодневна забава, музика и позитивна енергија на градскиот плоштад.