Охридската бела флота во блиска иднина може да остане без капетани
90% од капетаните на бродови на охридската бела флота се пред пензионирање. Има и пример на пензиониран капетан кој сè уште работи хонорарно. Во моментов колку што има капетани толку има и бродови. На Охридското Езеро крстарат 6 патнички бродови со капацитет до 150 патници. Еден капетан да земе боледување, бродот ќе биде закотвен, што се одразува врз договорите со туристичките агенции. Во блиска иднина флотата може да остане без капетани што ќе се одрази врз туризмот на најголемиот туристички центар вo државава.
„Ние мораме да најдеме решение, од причина што нашиот капетан годинава полни 64 години, треба да оди во пензија. И не сме единствени што го имаме овој проблем. Значи и останатите бродови имаат ист проблем. Мораме да направиме подмладување на кадарот капетани“- вели Ѓоко Наумоски, сопственик на брод.
Бродарите посочуваат дека има помлади и обучени луѓе, оформени кадри, но тие не можат во земјава да добијат документ за да управуваат со брод. Има и такви кои имаат сертификати кои важат во целиот свет, но не и во нашата држава. Законот ги признава сертификатите од земји членки на ЕУ и Подунавска конвенција.
„Ние имаме меѓународен сертификат, признат во цел свет, освен во нашата држава. Се бориме да добиеме нострификација на тој сертификат во Македонија но сè уште без одговор. Сертификатот е добиен во Тирана, под покровителство на Панама. Со таа дозвола ние можиме да управуваме 5 пати поголем брод во Америка, Австралија, Швајцарија , Германија и цела ЕУ, освен кај нас. Ние доставивме допис и до Министерство за транспорт и врски, до Делегацијата на ЕУ , немаме никаков одговор.“– вели Наумоски.
Неопходни се измени на Законот за внатрешна пловидба за на национално ниво да може да се добие сертификат за капетан на брод, велат бродарите.
„ Треба Министерството за транспорт и врски да оформи комисија и со измена на еден член во Законот за внатрешна пловидба да се овозможи полагање на тие луѓе коишто веќе подолги години се на бродовите и кои веќе имаат огромно искуство. Ако не се реши проблемот ова ќе стане гробница на бродови.“-, вели Зоран Гилевски, сопственик на брод.
Бродските крстарења се една од најатрактивните туристички понуди на Охрид. Доколку не се изнајде решение за проблемот со подмладување на кадарот на капетани најголемиот туристички центар во државава ќе се соочи со тажна слика, место да пловат со туристи по синото езеро, охридските бродови ќе бидат вкотвени во пристаништето.