Охридската библиотека добитник на награда за нај издавач на книги од домашни автори за 2024 година
Во конкуренција од над 20 библиотеки од земјава организаторите на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ од Македонска Каменица одлучија наградата за нај издавач за 2024 година за издавање на книги од домашни автори да и припадне на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“.
Јаков од Камена Река бил македонски свештеник и писател кој живеел во 16-тиот век. Тој е роден во местото Камена Река, денешна Македонска Каменица.
На свеченоста закажана за 22 ноември – петок ќе биде прогласен и најчитаниот македонски автор според извештаите од македонските библиотеки.
Во рамки на второто издание на фестивалот ќе бидат доделени и наградите од конкурсот за убав испис на кирилица со краснопис на македонски јазик, кој освен за ученици од основните и средни училишта во Републиката, беше наменет и за возрасни категории (интернационален).
Пред свечената академија планирана е Работилница за краснопис и калиграфија која ќе ја водат проф. Георги Гоце Дуртаноски од Катедрата за калиграфија од Рига, Естонија, и Ласко Џуровски, типограф и графички дизајнер.
Ќе биде отворен и изложба на Часословот од Јаков од Камена Река на одбрани страници на старословенски и македонски јазик во превод на Епископот Делчевско – каменички г. Марко.
Јаков потекнувал од свештено семејство. Во обновената печатница на Божидар Вуковиќ во Венеција отпечатил часослов на црковнословенски јазик во 1566 година, украсен со илустрации, знаменца и вињети. Од предговорот на печатениот „Часослов“ во Венеција кој дури кон средината на 20 век беше пронајден во едно охридско семејство кое со години го чувал како семејна реликвија се дозна за името и делото на Јаков од Камена Река, што зборува за возвишеноста на македонската култура и ученост на Македонците.
Она што е импресивно и важно за оваа книга е прекрасниот опис на Јаков на неговото родно место и неговата татковина – Македонија. Тој напишал:
„Роден сум во Камена Река, во близина на големите Осоговски Планини… Моето почитувано семејство свештеници на оваа древна земја живее веќе долго време… Ја оставив Македонија, мојата татковина зад мене и дојдов во Венеција…“