Охридската библиотека ќе го збогати својот фонд со помош на читателите

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид континуирано го збогатува својот книжен фонд преку набавка на актуелна литература од македонски издавачи, а со годишната програма за работа финансирана од Министерството за култура и туризам за оваа 2025 година на располагање ќе има 450 000 денари за набавка на нови наслови од сите области.
-Ви оставаме простор почитувани читатели и вие да се вклучите со ваши предлози на наслови кои сакате да ги набавиме поради нивната актуелност и квалитетна содржина, а ние според нашите можности ќе се обидеме да ги набавиме, се вели во соопштението од библиотеката.
Посочуваат дека предлозите до средината на идниот месец ги очекуваат на е-маил адресата biblioteka_ohrid@yahoo.com, како и на официјалната Фејсбук и фан страница.
Од библиотеката потсетуваат дека во текот на минатата 2024 година нивниот книжен фонд за деца и возрасни беше збогатен со 1021 наслови со вкупно 1957 примероци, а во оваа бројка се вклучени и бројните наслови кои се подарок за библиотеката.




