Охридската болница презадолжена. Долгот порасна на 4 милиони евра. Дел се стари наследени, а дел од долговите се направени во изминативе две години.
Од менаџментот велат дека тоа е последица на ковид кризата, поради што направен е долг над еден милион евра за набавка на медицински материјали, боци за кислород, а дополнителни средства биле потребни и за исплата на зголемените дежурства на медицинскиот персонал, бидејќи имало и по 140 хоспитализирани пациенти дневно, а тие дежурства законски мора да се исплатат. Во ковид криза имаше 1400 операции, 400 породувања, што е огромна бројка.
„Не можеме да штедиме па да се тресат луѓето за топло, на што ќе личи тоа? Не верувам дека и големите болници како 8-ми Септември и битолската болница и нема болница која може да ги сервисира долговите. Голем товар на сите директори во пандемијата. Еве, кризата помина, но последиците ќе останат години“- вели д-р Балески.
Болницата веќе 7 месеци работи со блокирана сметка и извршни судски решенија кои доспеваат секојдневно, со што се отежнува нормалното функционирање на оваа здравствена установа. Годишниот буџет кој го добива Охридската општа болница од Фондот за здравство е 5 милиони евра, од кои 70% се за исплата на плати за 530 вработени, а останатите 30% за режиските трошоци.
„Чаре на долгот е државата. Во претходните години порано, кажуваат дека државата интервенирала и болниците ги донесла на нула. Значи, ако не интервенира државата, владата, министерството, фондот, не ја донеси болницата до нула, ние не дека ќе затвориме, меѓутоа услугите што ќе ги пружаме ќе се ништо. Не е само да отвориме кревет па да му даваме два антибиотици“ – вели д-р Балески.
Балевски се жали, вели болницата не може да ја плати ниту последната сметка за струја која за минатиот месец изнесува 4 милиони денари. Вели, државата мора да помогне со раздолжување, во спротивно, квалитетот на здравствената услуга ќе биде намален, а тоа не смее да се дозволи.
Новинар Соња Рилковска
Portal TVM brings Ohrid news with deep coverage