Охридската гимназија гради зелена иднина – селекцијата на отпад станува секојдневие
Учениците и професорите во ОСУ „Св. Климент Охридски“ заедно континуирано и активно работат на селекција на отпадот и градење еколошки навики кај учениците. Во училиштето се поставени специјални корпи за одвојување на пластика, хартија и метал и текстил, со што се овозможува правилно управување со отпадот уште од училишните клупи.

Овој систем е дел од проектот Училишта без пластика, учениците стануваат свесни за значењето на правилната селекција. Преку директна комуникација и едукативен пристап, тие испратија јасна порака – грижата за животната средина започнува од секој од нас. Особено значајно е што во овие активности не се вклучени само учениците, туку и професорите, кои со личен пример придонесуваат кон создавање на еколошки свесна училишна заедница. Заедничката посветеност покажува дека еколошката свест не е тренд, туку вредност која се негува секојдневно.
– Еко тимот на охридската гимназија е еден од најактивните, и е вклучен во многу активности. Пошумување, заштита на Охридското Езеро, рециклирање како еден од најважните чекори за заштита на животната средина. Многу сме среќни што младите ја препознаваат заштитата на животната средина. Поставени се корпи за пластика, хартија, метал и корпи за мешано ѓубре. Нашата цел е да ја подигнеме свеста кај сите од најмладите до најстарите дека рециклирањето е најважниот чекор за заштита на животната средина, вели Емилија Трајческа Патчева професорка од еко клубот.

-Имаме соработка со десет училишта, сите средни училишта и шест основни кои го спроведуваат овој систем програма Училиште без пластика. Не радува дека има интерес и од други училишта од други градови. Имаме и колеги кои сакаат да научат повеќе за овој систем и истиот да се спроведува и во струшките училишта оваа важна трансформација за примарна селекција на отпадот , вели Драгана Карашова еколог од „Збогум Буково”.

Проектот опфаќа и акции за садење на урбано зеленило, пролетно чистење на плажи и крајбрежје. Со вакви чекори, гимназијата се позиционира како пример за одговорно и одржливо училиште во градот. Младите демонстрираат дека промените започнуваат од училницата, а зелената иднина се гради со мали, но доследни чекори.

новинар: Соња Рилкоска