Skip to main content

Охридската модуларна болница повторно отворена за ковид пациентите

Повторно ставена во функција охридската модуларна болница. Во неа во моментов од ковид 19 се лекуваат четворица пациенти. Хоспитализираните лица се млади луѓе, а еден од нив е со потешка клиничка слика. Бројот на нови случаи во Охрид како и во други градови во државава бележи експоненцијален раст. Охридската Општа болница е подготвена да се справува со новиот бран од пандемијата.

 |  Валентина Неловска  | 
Модуларна болница

Охридската модуларна болница е повторно отворена за ковид пациенти од пред неколку денови. Во моментов во Охрид се регистрирани четириесет активни случаи на корона вирусот, а болнички се лекуваат четворица ковид позитивни пациенти. Хоспитализираните лица се на возраст од 25 до 45 години. Еден од нив е со потешка клиничка слика и повремено е на кислородна поддршка, информира д-р Горан Балески, директор на Општа болница Охрид.

Сите четворица кои се хоспитализирани се помлади луѓе и не се вакцинирани. Не сакале да се имунизираат, одбивале. Неколку  се дојдени од странство и таму им било понудено да се вакцинираат, но одбивле. Апелирам да се вакцинира што повеќе од населението  против ковид 19 – истакна д-р Балески.

Од болницата немаат увид дали кај нив е изолиран делта сојот на вирусот. Процесот и протоколите за лекување се исти, нам ни е важна клиничката слика на пациентите, вели д-р Балески. Во Општа болница Охрид има зголемен прилив на пациенти за лекување за разлика од пред еден месец. Има огромен број на пациенти кои бараат лекарска помош со различна симптоматологија.

Има оптоварување на интерно одделение со преку 100 прегледи, на педијатрија од 70 до 80 прегледи, на хируршкиот блок за врема на викендите одамна не сме имале ваков наплив на пациенти во Општа болница Охрид – додава д-р Балески. 

Охридската Општа болница е подготвена да се справи со четвртиот бран од пандемијата. Скоро целиот персонал во болницата или е вакциниран или пак прележале ковид 19. Охрид во споредба со повеќето градови во државава има релативно висока стапка на имунизација на населението од Ковид. Доста научивме за пандемијата и мора да живееме со неа, додава д-р Горан Балески