Охридската полиција даруваше лампиони на учесниците во сообраќајот
На гостите и охриѓани им упатија порака за среќни празнични денови и совесно однесување на јавните места и ресторани. Апелираат возачите на моторни возила да бидат посебно внимателни на сообраќајницата во изградба Охрид- Кичево.
Традиционално охридската полиција им посака среќни празнични денови на гостите и охриѓани со симболично дарување на новогодишни лампиони. Овој превентивен проект СВР Охрид го реализира 13-та година по ред во соработка со Интернационалната полициска асоцијација. Целта е да им посакаме среќна Нова година на туристите кои доаѓаат во Охрид, но и на охриѓани, да ги потсетиме во празничните денови да внимаваат на личната и јавната безбедност, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Воедно да им укажеме на почитување на одредбите од Законот за јавен ред и мир, да се однесуваат внимателно на јавните места и ресторани, во сообраќајот и сите да допринесеме за да имаме мирна новогодишна ноќ во деновите кога прославуваме – истакна Димоски.
Од СВР Охрид апелираат возачите на моторни возила да бидат посебно внимателни при управување на моторните возила на патните правци кои водат кон Охрид. Максимално да придонесат во сообраќајот за личната безбедност, на сопатниците и на останатите учесници во сообраќајот, посебно на патната делница во изградба Кичево-Охрид.
Крајно внимателно да се однесуваат во сообраќајот посебно на овој патен потег да внимаваат на вертикалната и хоризонталната сигнализација, на патувањето ноќе посебно да внимаваат на светлечката сигналиција, да не користат алкохол и мобилни телефони кога управуваат моторни возила – додава Димоски, портпаролот на СВР Охрид.
Во периодот од 2014 година до денес на овој патен правец се случени 17 сообраќајни несреќи. Притоа биле повредени 37 лица од кои фатални по животот биле за 4 лица.