Skip to main content

Охридската Специјална болница за кардиологија одбележува јубилеј 15 години интервентна кардиологија

21 јуни е значаен датум за оваа установа, но и за македонската кардиологија. Во текот на изминатите години направени се близу 19 000 зафати  од кои близу половината се интервентни процедури.

 |  Валентина Неловска  | 


Охридската Специјална болница за кардиологија Св. Стефан одбележува значаен јубилеј 15 години интервентна кардиологија. Пред 15 години, на 21 јуни беше направена првата интервенција во оваа установа, во тогаш новоотворената Катетеризациона сала, единствена таква во државата, надвор од Клиниката за кардиологија во Скопје. Воведувањето на интервентната кардиологија како дејност, во тогаш популарно виканиот “Кардиолошки Завод” значеше почеток на нова етапа во развојот на оваа установа, а беше резултат на несебичното залагање и огромниот ентузијазам на мала група на визионери, предводена од д-р Никола Бакрачески.

На првата интервенција и предходеше проект кој започна во 2002 година, беше изработен Елаборат и Проект за воведување на интервентна кардиологија како дејност, прифатен од Министерство за здравство.
Со Градежен проект се изгради Работна единица за Интервентна кардиологија, Оддел за Интензивна кардиолошка нега и реанимација како и Ургентна амбуланта со Дневна болница. Со градежните активности паралелно се организираше нашата дијаспора од САД и Канада и го донира првиот ангиограф. Во исто време течеше и едукација на првиот интервентен кардиолог од Установата, Др. Никола Бакрачески во Скопје, Белград и во повеќе центри во САД и Европа. По првата коронарографија следеше и првата перкутана интервенција на коронарните крвни садови со имплантација на стентови , направени со подршка на тим од Клиниката за кардиологија од Скопје на 21 Јуни 2006г .

Во јануари 2007 година со третман на пациент со срцев удар со примарни перкутани интервенции болницата прерасна во регионален центар за третман на акутен миокарден инфаркт за целиот југозападен регион со околу 350 000 жители.

Во текот на изминатите 15 години направени се близу 19 000 зафати од кои близу половината се интервентни процедури. Видот на интервенции постојано се зголемува , па денес во оваа установа има
Катетеризациона лабораторија во редовната програма каде се изведуваат интервенции на каротидни артерии и периферни артерии на нозете. Во постојан подем е и одделот за електрофизиологија и електростимулации.
Растот на бројот на изведени процедури и видот и сложеноста на интервенциите кои се изведуваат е како резултат на растот на лекарскиот тим кој стои зад овие бројки. Па така, денес, имаме тим кој покрај д-р. сци. Никола Бакрачески кој го предводи, го сочинуваат и кардиолозите Д-р Елена Коваческа Башуроска, Д-р Стојан Митрески, Д-р Дејан Манчев, Д-р Рилинд Жаку, Д- р Благоја Стефановски, Д-р Дени Размоски и Д-р Виолета Мојсовска, а тимот секако брои и голем број на медицински сестри, како и тројца радиолошки техничари.