Охридски алпинист ги освои австриските мразови
Димитри Димитров е охриѓанецот кој успешно ја заврши акцијата наречена „Малтатал-Австрија 2013“. Тој за ТВМ раскажа дека оваа петдневна алпинистичка мисија била полна со возбуда, предизвици и успеси.
Дури ни австриските замрзнати висечки карпи не се недостижни. Охриѓанецот Димитри Димитров од алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид е доказ за тоа. Тој, заедно со своите колеги алпинисти, Крунослав Аџиовски и Виктор Трпевски од алпинистичкиот клуб „Матка“ од Скопје успешно завршија петдневна качувачка мисија во снежната и студена Австрија. Се качувале во различни насоки со различни тежини.
„Секој од тие пет дена си е тежок затоа што мора и припремата и изборот на самата насока, качувањето, отстапувањето тоа е на начин како што гледате во филмовите, има спуштање по јаже. Сето тоа си зема своја одговорност, тежина врз секој од нас, така да не можам да одвојам. Имаше моменти каде што навистина беше ладно, па вие сте на сидриште, на тој анкер каде што сте.“-вели алпинистот Димитри Димитров од алпинистичкиот клуб „Патагонија“-Охрид.
Димитров вели дека за вакви подвизи мора да се има добра опрема која се набавува во зависност од целта што сакаат да ја постигнат. Пред оваа акција тројцата алпинисти немале многу можности за подготовки. Особено затоа што на „Патишка река“, еден од локалитетите кои изобилуваат со снег и мраз, годинава бил под постојана опасност од лавини.
На оваа петдневна мисија, тројцата алпинисти особено посветувале внимание и на исхраната, поточно на појадокот и вечерата за кои Димитров вели дека се најзначајни оброци за алпинистот кој преку ручек се качува на планини.
„Интересно е се. Самиот пат од десет часа. Кога разговаравме со луѓе со кои се сретнавме таму, германци и чеси, едноставно остануваа запрепастени дека ние патуваме десет часа со возило само за да стигнеме таму да качуваме. Опремата со која што располагаме исто така за нив е смешна затоа што тие туболарни клинови што ги ставаме во мразот се од времето на Димитар Илиевски-Мурато и од тие хималајски експедиции.“-рече тој.
Димитров вели дека акцијата Малтатал-Австрија за нив била одлично искуство, можност за запознавање нови луѓе но и презентација на нашите качувачки локалитети пред странските алпинисти.Но тие не застануваат тука.
Во периодот што претстои тие ќе имаат уште многу акции, а посебно се привлечни посетите на Хрватска на Бакленица, на Доломитите во Италија и акцијата за качување на заснежените планини на Мон Блан. Инаку акцијата Малтатал-Австрија е дел од годишната програма на Македонската алпинистичка федерација.
{loadposition content9}