Охридски археолози пронајдоа стари монети
Со археолошките истражувања на плоштадот се откриени остатоци од некoлку градби кои датираат од почетокот на 20 век. Истражувањата се направени во четвртата сондa на длабочина од 40 до 50 цм. Пронајдени се делови од ѕидана чешма и трансформатор, но и фурна кои сеуште ги паметат повозрасните охриѓани. Најдени се и делови од коски од Турски гробишта и неколку парички, информира Мишо Тутуткоски, директор на НУ „Завод и Музеј“, Охрид .
„Монетите се од 1913, 1918 и 1925 година. Не зборуваме за антички или средновековни монети. Можеби во подлабоките слоеви има и други остатоци но, заради градежните активности од модерните времиња слоевите се испретурени и нема конкретни остатоци од архитектура или погребувања “ – информира Мишо Тутуткоски, директор на НУ „Завод и Музеј“ Охрид.
Градскиот плоштад само во современиот период претрпел големи градежни активности. Изградени биле улици , уредуван пазар, плоштадот. Слоевите се измешани и нема конкретни археолошки остатоци, а доколку имаше конкретни наоди можеби ќе направевме понатамошни испитувања. Плоштадот е еден од најфрекфентните делови од градот и не може да го затвориме за истражување.
„Може и да има но, ние и да сакаме да вршиме археолошки ископувања тие ќе треба да траат 10тина години. Овие сонди покажаа дека остатоци од среден век, антички и праисториски период би биле на длабочина од 2 метри надолу. Има големо напластување на слоеви земја што се слевале од ридот, којшто не ни дозволуваат да вршиме археолошки истражувања“ -вели Тутуткоски.
Со затворање на четвртата сонда завршуваат археолошките истражувања на НУ „Завод и Музеј“ кои стартува пред еден месец. Сега може да отпочне реконструкцијата на градскиот плоштад. Просторот околу Чинарот треба да добие современо партерно уредување за кое што општината изработи проектна документација и издвои финансиски средства.