Skip to main content

„Охридски бисерен рај Ленче“ уреден во етно стил

Гостите  ќе може да се насладуваат на богатиот Македонски фолклорен колорит и вез во етно стил. Станува збор за реализација на долгогодишен сон за посетителите да се запознаат со рачно изработени перници, чаршави, завеси и разни декоративни украсни ткаенини за домашна употреба.  

 |  Валентина Неловска  | 

Во населбата Рача има нова туристичка понуда етно апартманот Охридски бисерен рај . Сопственичка на етно апартманот е Ленче Шиковска Башоска која создавала со ѓерѓеф во рацете најразлични рачни изработки од најрана возраст. Нејзин дамнешен сон бил изработките да ги презентира во јавност. Со сопствени средства, сама, со многу труд и мака успеала да го изгради етно апартманот „Охридски бисерен рај Ленче“ од каде се протега прекрасен видик кон градот и езерото. Внатрешниот ентериер на апартманот го уредила во етно стил со нејзините изработки, украсни декоративни ткаенини.

„Следејќи ги медиумите гледам дека насекаде се актуелни етно апартманите, изработени со природни материјали. Си реков зошто тоа да го нема и во Охрид кога имаме ракотворби кои може да ги презентираме. Тоа ми е преголема желба многу одамна и конечно успеав по толку години градејќи го овој објект кој го завршив неодамна“.

Во апартманот опремен во етно стил Шиковска Башоска ги има изложено еден мал дел од Македонскиот фолклорен колорит и вез кои ги изработиле нејзините вредни раце. Од нејзиниот куфер ги извадила и народните носии кои ги купувала. Во апартманот е поставена и кукла во народна носија. Украсните декоративни ткаенини се изработени од природни материјали, памук, свила, волна.

 

„Туристите претежно доаѓаат заради езерото, плажата, но со мала реклама мислам дека овој апартман ќе е многу посетен. Желба ми е да ги изложам сите носии и ракотворби ова е само мал дел“.

Ленче Шиковска Башоска е горда и среќна што го реализирала својот дамнешен сон. Сепак, ако ја служи здравјето посакува, на поголем простор да направи етно музеј каде што ќе ги изложи народните носии и ракотворби кои ги создавала и ги има во нејзината богата колекција.