Охридските бродари со оптимизам ја почнуваат летната сезона

Бродари и сопственици на катамарани велат дека очекуваат успешна сезона и повеќе гости, особено странски туристи кои сè почесто го избираат Охрид како мирна и атрактивна дестинација за одмор.
Најголем интерес, според нив, има за кратките тури долж охридското крајбрежје, но и за подолгите прошетки до Свети Наум.

„Се надеваме дека ќе биде добро. Добро е сега, врнеше што врнеше, очекуваме сонце и повеќе туристи. Со сите војни во светот, се надеваме дека туристите ќе се насочат баш кај нас, на нашите страни, па би требало да биде добро. Најбарани, нормално, се пократките и турата до Свети Наум. Повеќе се возат на релација пристаниште – Канео, пристаниште – Канео – Горица, Титова резиденција и така. А исто и околу Свети Наум, тие се стандард, бидејќи е убава и подолга тура. Таа ни е најдобра.” – вели Ирак Каневче, бродар.
Освен разгледување на природните убавини, туристите за време на пловидбата често се интересираат и за историјата на Охрид, старите цркви и карактеристиките на езерото. Бродарите велат дека иако не се туристички водичи, се трудат на гостите да им пренесат точни и интересни приказни.

Во последните години, сè почести се и приватните забави и романтичните прошетки со катамараните, особено во вечерните часови и за време на зајдисонце.
„Да, има и тоа одамна. Има запросувања, девојачки вечери на зајдисонце и многу други забави што си ги правиме самоиницијативно. Пијачка, сок, вино ако треба и така. Има забави. Многу пати ги носиме до црквата „Свети Јован”, па после ги враќаме назад. Има запросувања, веселби… Мислам дека се многу задоволни. Се задоволни, посебно странците, а и нашите. Нормално. Само што за нашите е малку поскапо. Да, се гледа дека стануваме поатрактивна дестинација. Сите што ќе дојдат, повторно се враќаат. Кај катамараните гледајте, а и кај чамците – сè повеќе ги има. Порано многу ретко имаше тури, сега е веќе нон-стоп. Имаме и добри ресторани и добри хотели, во тој смисол сè е океј.” – посочува Каневче.
Бродаритe очекуваат летово Охрид повторно да биде меѓу најпосетените туристички центри во регионот. Велат дека интересот расте од година во година, а гостите сè почесто се враќаат повторно, привлечени од природата, езерото и уникатното доживување што го нудат прошетките.
Новинар Соња Рилковска







