Охридските фирми „заборавиле“ да си ги подигнат електронските здравствени картички
Од Фондот за здравствено осигурување предупредуваат дека доколку тоа не го направат до 1 Ноември, ќе ги остават своите вработени без сини картони.
Фирмите во Охрид доцнат со подигнувањето на електронските здравствени картички за своите вработени. Вака велат анализите кои ги направил Фондот за здравствено осигурување. Советникот на директорот на Фондот, Бранко Аџигогов, вели дека за разлика од фирмите, во подрачната единица во Охрид, далеку поажурни биле невработените и пензионерите иако според Аџигогов тоа е нелогично со оглед на фактот дека фирмите можат да подигнуваат поголем број на електронски здравствени картички одеднаш.
„Во подрачната служба Охрид, 25000 охриѓани веќе ги имаат подигнато своите електронски здравствени картичко, што е добар број, но 13000 готови електронски здравствени картички се наоѓаат на шалтерите во подрачната служба. Тоа е голем број и загрижува фактот, што половина од нив, односно 6500 електронски здравствени картички се за фирми. Во Охрид, фирмите не биле толку ажурни во изминатиот период да си ги подигнат картичките и затоа денес тука сум да дадам апел до сите фирми во Охрид, да си ги подигнат електронските здравствени картички затоа што нема да имаат веќе за своите вработени сини картони по 1 Ноември 2013 година.“-вели советникот на директорот на Фондот за здравствено осигурување, Бранко Аџигогов.
Раководителот на подрачното одделение на Фондот, Славе Крстаноски вели дека тие имаат разработено акциски план како да се справат со ваквата неажурност.
„Апелирам лично до фирмите или овластените лица во фирмите да ги контактираат вработените на шалтерите во подрачната преку централата 260-265. имаме одредено тројца вработени за делење баш на тие картички од фирмите, додека другите три шалтери ни остануваат за поделба на електронските здравствени картички од пензионери и невработени. Апелирам до нив да закажат средба, да не би дошле во исто време, за полесно да бидат услужени и што побрзо да го направат тоа како би можеле да ги разделиме што побрзо картичките.“-рече раководителот на ФЗОМ-ОХРИД, Славе Крстаноски.
За разлика од охридската подрачна единица, во Струга пак ситуацијата со картичките малку поинаква. Таму фирмите далеку поажурни од невработените лица и пензионерите.
„Во делот на невработените апелирам кога ќе дојдат во подрачната да подигнат сини картони, пред да подигнат сини картони, шалтерските служби ќе проверат дали имаат електронска здравствена картичка во подрачната единица, ако има, ќе ги упатиме да ги подигнат и потоа ќе им дадеме сини картони. Така ќе функционира, во смисла на поефикасно и побрзо извршување на дистрибуцијата. Во делот на пензионерите, би ги замолил и покрај нивната старост, да најдат начин, или да пуштат некого, кого било во нивно име да ги подигнат и побрзо да заврши овој процес.“-изјави Коста Фармакоски-Раководител на ФЗОМ-СТРУГА.
И двајцата раководители, и советникот Аџигогов, согласни дека колку побрзо заврши овој процес, толку побрзо ќе се почувствуваат бенефитите од електронската здравствена картичка.
Ова особено важи за фирмите кои картичката ќе можат да ја користат за електронски, преку апликација која ја има на веб страната на Фондот за здравство да вршат било какви работи поврзани со пријава или одјава на вработени без притоа да мораат да чекаат на шалтер и да поднесуваат формулари. Краен рок за комплетна дистрибуција на картичките е јуни 2014 година.
{loadposition content9}