„Охридски Комуналец“ повторно расчистува диви депонии во Даљан, апел до граѓаните за поголема совест

Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ и денеска интервенираа на повеќе критични локации во населбата Даљан, каде беа отстранети големи количини кабаст, зелен и градежен отпад, несоодветно депониран од несовесни граѓани.
Од јавното претпријатие информираат дека службите задолжени за подигнување на кабаст и зелен отпад секојдневно се на терен и се соочуваат со сериозен предизвик поради енормните количини отпад што се остава на недозволени места.

„Загрижува фактот што веднаш по расчистувањето на одредени локации, повторно се појавуваат нови количини отпад. Најчесто станува збор за кабаст отпад, градежен шут и зелен отпад кои несовесно се фрлаат и покрај постојаните апели“, велат од претпријатието.
Од „Охридски Комуналец“ посочуваат дека ваквите постапки не само што ја загадуваат животната средина, туку создаваат и негативна слика за градот пред жителите, случајните минувачи и бројните туристи кои престојуваат во Охрид.
Претпријатието редовно ги информира граѓаните за акциите за подигнување отпад и потсетува дека за организирано отстранување на кабаст и зелен отпад на располагање е телефонскиот број 075-397-944.
Од таму упатуваат апел до граѓаните да покажат поголема одговорност и да придонесат кон зачувување на чистотата на градот.







