Skip to main content

„Охридски Комуналец“ го одбележа патрониот празник – најавената модернизација станува реалност

Приказната на ЈП „Охридски Комуналец“ започнува во 1952 година, а повеќе од седум децении претпријатието се грижи за одржувањето на јавната чистота, собирањето и транспортот на комуналниот отпад, како и уредувањето на парковите и зелените површини во Охрид.
 |  инфодеск  | 

Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ денеска го одбележа својот патронен празник – 7 Ноември. По тој повод, директорот м-р Сашо Најдески се обрати пред присутните, осврнувајќи се на досегашното работење, реализираните активности и идните планови за унапредување на комуналните услуги.

Изминатиот период бил исполнет со предизвици, но и со активности насочени кон подобрување на условите за работа и модернизација на механизацијата.

„Со поддршка на Општина Охрид, набавени се две метачки. Преку проектот за воспоставување регионална депонија, од страна на Министерството за животна средина на претпријатието му се доделени шест специјализирани возила за собирање комунален отпад.“ – кажа Сашо Најдески, директор на ЈП „Охридски Комуналец“.

Дополнително, преку проект на Министерството за транспорт се обезбедуваат уште четири специјализирани возила за собирање комунален отпад, една метачка и една специјализирана цистерна за миење на улиците. Со овие инвестиции се очекува зголемување на ефикасноста во работењето и подобрување на услугите за граѓаните.

Еден од посериозните предизвици останува депонијата Буково, која повеќе од 45 години претставува еколошки проблем. Од претпријатието информираат дека се преземени активности за покривање на отпадот, намалување на ризикот од пожари и заштита на животната средина, но долгорочното решение го гледаат во воспоставувањето современ регионален систем за управување со отпад.

„Најголемата вредност на нашето претпријатие не се возилата и опремата, туку луѓето кои секојдневно, одговорно и посветено ја извршуваат својата работа. Вашиот труд можеби не е секогаш доволно видлив, но неговите резултати секојдневно ги чувствуваат сите граѓани.“– посочи Најдески.

Во рамки на одбележувањето на празникот, беше најавено и доделување јубилејна награда за 30 години непрекинат работен стаж на вработената Будимка Групчева, како признание за нејзината долгогодишна посветеност и придонес во работењето на претпријатието.

Приказната на ЈП „Охридски Комуналец“ започнува во 1952 година, а повеќе од седум децении претпријатието се грижи за одржувањето на јавната чистота, собирањето и транспортот на комуналниот отпад, како и уредувањето на парковите и зелените површини во Охрид. Од раководството порачуваат дека и во наредниот период остануваат посветени на подобрување на условите за работа, обновување на механизацијата и унапредување на комуналните услуги во интерес на сите охриѓани.