Охридските образовни институции ги следат препораките за заштита од грип
Засилените мерки на претпазливост се во согласност со заклучокот на Комисијата за следење на сезонскиот грип.
Подобро да се спречи отколку да се лечи. Така некако можат да се опишат последните препораки на Комисијата за следење на сезонскиот грип. На нивна препорака, Државниот санитарен и здравствен инспекторат до сите образовни институции достави решенија со предлог мерки за заштита од сезонскиот грип. Бидејќи дечињата се најподложни на грипот, а и работат во големи друштвени средини, со крајот на нивниот зимски одмор, овие мерки и тоа како се важни за нивната заштита.
„Предлагаме да се засили хигиенизација во училиштата и предучилишните установи, редовно користење на течен сапун, редовно проветрување на објектите и во училиштата и во предучилишните установи, водење евиденција за отсуството на учениците, дали е тоа поради грип, за да имаме точна бројка колку се заболени и која е причината за нивното отстуство.“-вели д-р Јованка Стурлакова-Коровешоска, епидемиолог при Центарот за јавно здравје од Охрид.
Образовните институции во Охрид и охридско, се чини строго ги почитуваат добиените препораки. Некои дури и пред да ги добијат препораките од инспекторатот, на сопствена иницијатива побарале дезинфекција. Оваа дезинфекција која ја прави токму Центарот за јавно здравје од Охрид, се прави со доставување на барање од страна на образовните институции.
„Почнато е веќе од понеделникот да вршиме дополнителна вонредна дезинфекција на училиштата. Испрскани се поголемиот дел од училиштата, до крајот на неделава планираме да завршиме со сите училишта, а предучилишните установи, значи детската градинка заедно со петте клонови се испрска пред Нова година.“-рече д-р Стурлакова-Коровешоска.
Некои училишта сами си набавиле поголема количина хигиенски средства, некои добиле помош од родителите на децата. Она што е важно е дека располагаат со доволна количина и на течен сапун и на други хигиенски средства. Како дополнителна мерка за заштита од грипот, од утре започнуваат и здравствено-едукативните предавања за спречување и сузбивање на сезонскиот грип.
Предавањата ќе ги спроведува Центарот за јавно здравје од Охрид заедно со Црвениот крст. Прво училиште кое тие ќе го посетат ќе биде основното училиште „Свети Климент Охридски.“ Инаку, Охрид има релативно мал број на заболени од грип. Првиот случај бил регистриран минатиот четврток, а досега се пријавени 86 случаи заболени од сезонскиот грип.
{loadposition content9}