Skip to main content

На охридскиот пазар плаќаш за десет килограми , а добиваш осум

Продавачите на охридскиот пазар стоката ја мерат на небаждарени ваги при што купувачите се оштетени. Пазарниот инспекторат презеде мерки за спречување на ваквата појава.

 |  Лионела Јаковлева  | 
Продавачите на зеленчук на охридскиот пазар стоката ја мерат на небаждарени ваги, се жалат купувачите. Особено сега кога е сезона на зимници и зеленчук се купува на големо, купувачите плаќаат многу повеќе, а добиваат многу помалку. Некои од продавачите зеленчукот го мерат и на ваги стари повеќе од десет години.

Пазарниот државен инспекторат синоќа изврши 40 контроли на охридскиот пазар, со цел да се види коку се почитува Законот за трговија, Законот за метрологија и за заштита на потрошувачите.

Ѓорѓи Бошалев, началникот на пазарната  инспекција вели дека при контролата утврдени се голем број неправилности кај продавачите на градскиот пазар. Инспекторите синоќа поднеле 20 решенија за употреба на небаждарена вага.

До Основниот суд во Охрид пак, поднесени се 25 барања за прекршок против лица кај кои е затекнато непочитување на Законот за трговија и Законот за метрологија. Судот понатаму ја одредува висината на паричната казна. Според Законот за трговија ниту еден продавач не смее стоката да ја мери на вага на која нема жиг ставен од Бирото за метрологија. Оваа овластена институција на барање на продавачите излегува на терен ги баждари вагите, по што го става препознатливиот жиг.
Од пазарниот инспекторат најавуваат уште поригорозни контроли со цел да ги заштитат купувачите од досетливите продавачи.