Skip to main content

Интернационален пица натпревар во Италија

Охридски пица мајстор на светско првенство

Ќе користи Македонски производи како ајвар и пршки. Неговиот сон е да ги одмери своите вештини во правење модерна Наполитана или Контепоранија.
 |  Валентина Неловска  | 

Пица мајсторот Деанчо Трајанов Чеде забрзано се подготвува за учество на светското првенство во Италија за подготовка на пица. Охридскиот пица мајстор ќе учествува во правање пици на натпревар по втор пат. Оваа година, своето мајсторство ќе го презентира во три категории. Во првата категорија, подготовка на пица класика, ќе се претстави со Македонски производи. Пицата ќе биде целосно подготвена од македонските артикли, вели Чеде, и ги набројува продуктите којшто ќе ги користи како тетовско брашно, овчо сирење, ајвар, пршки, рукола, домати. Сепак, неговиот сон за да ги одмери своите вештини е и учество во останатите две категории за подготовка на пица.

Во втората категорија ќе се натпреварувам во подготовка на пица модерна Наполитана или Контепоранија која е доста тешка категорија.Тука го гледам мојот предизвик за да постигнам поголем успех. Третата категорија која се воведува е спарување на пица со соодветно пиво.Тука би спомнал дека ќе учествувам со пиво од Македонија од пиварата Бакрески од Битола, мала крафт пивара која прави убаво пиво“.

Негова желба е да ја претстави Македонија во најдобро светло. Од досегашното искуство од Италија дошол до заклучок дека имаме мошне квалитетни и вкусни продукти кои може да го задоволат пребирливите вкусови на судиите. Но, за пица уметноста во Македонија вели дека многу заостанува зад трендовите на модерна Наполитана пица во Италија и Европа. Тука, луѓето се навикнати на класичната пица и нема новитети, вели Чеде.

Кај нас не се застапени сезонски менија. Со моето одење во Италија согледав многу работи.Италијаните нудат свежи и сезонски продукти. Менијата им се менуваат по 4 пати во текот на годината што е нормално. Секој сака да проба нешто ново, кај нас скоро во сите ресторани менијата се стари и по 15 години. Се нудат истите варијанти низ сите пицерии. Нема нешто поразлично што би се одвоило“, кажува Чеде.

Интернационалниот натпревар во подготовка на пица ќе се одржи од 19 до 22 февруари во Римини, Италија. На овој натпревар ќе учествуваат над 1000 пица мајстори од целиот свет, кои ќе ја презентираат својата уметност во подготовка на овој традиционален италијански специјалитет пред жири од целиот свет меѓу кои има и двајца претставници од Македонија. Деанчо Трајанов Чеде ќе учествува на инетрнационалниот натпревар во тим од 10 пица мајстори од Македонија. Чеде подготвоките ги прави во објектот Тренд бургер и пица, а има и повеќе спонзори меѓу кои Ин Итали -магацин од Охрид, Леска Крафт од Струга, пивара Бакрески Битола.