Охридските ракометари ја започнуваат Суперлигашката авантура
По неколкуте одлични сезона во послабата Прва лига, Охрид 2011 во последен миг го фати возот за елитата.
Охриѓани годинава ќе имаат привилегија на свој терен да следат Суперлигашки ракомет, а сето тоа благодарение на момците од ракометниот клуб Охрид 2011.
Тие, за само неколку дена, во недела, ја започнуваат својата Суперлигашка авантура. Со своите игри, залагање, борбеност и посветеност во изминатите две сезони, овие момци покажаа и докажаа дека знаат ракомет. Тие во последен момент и благодарение на локалната самоуправа, но и локалните бизнисмени го фатија возот за ракометната елита, откако беа условно претворени во акционерско друштво што беше првиот услов за настап во Супер лигата. Сепак задоцнетиот влез во најсилната лига според тренерот Горан Андоновски ќе значи и тежок старт за нашите ракометари.
„Доцниме едно две недели со подготовки. Доцниме со ангажман на поквалитетни играчи, се снаоѓаме како што можеме во моментот. Подобрите играчи ни беа земени од страна на Струмица, Радовиш, Штип, така да многу малку квалитетни играчи останаа со кои би се засилиле, затоа ние најлесно преговаравме со два-три играчи од Струга. Понеделникот пристигна еден играч кој беше вишок во Струмица, но е тотално неподготвен. Не барам алиби, но многу тешко ќе биде бидејќи нас не красеше таа физичка подготвеност, што на почетоков на првеството не можеме да ја постигнеме, но со тек на време мислам дека се ќе биде во ред.“-вели Горан Андоновски-тренер на РК „Охрид 2011“.
Андоновски вели дека за среќа на почетокот од новата сезона немаат повредени играчи, но рече дека жали што ќе мора во првото коло неподготвени да се соочат со екипата на Преспа која сметаат дека можат да ја победат. Покрај сите силни екипи кои настапуваат во елитата, еве со какви очекувања и цели влегуваат нашите ракометари.
„Прво и основно е да не испаднеме. Една екипа да е под нас, барем бараж да фатиме. Вардар и Металург не се натпреваруваат сега, тие се приклучуваат подоцна во плеј оф и плеј аут, но секако дека една Струмица која многу вложи во финансии, еден Пролет-Тинекс кој е години во Супер лигата, Пелистер бидејќи повторно им се врати стариот спонзор, Силјан Мицевски, повторно прави една квалитетна екипа, Радовши и Штип многу се засилија во текот на летната сезона, така да сепак ние ќе бараме, не се знае, секогаш има изненадување, секако дека ќе изненадиме и некој фаворит, дали дома, дали на гости, се надевам, амбициозен сум, амбициозни се и децата кои ги тренирам, имаат голема желба, можеби не толкав квалитет, но желбата е огромна и мислам дека ќе успееме првава година да опстанеме.“-рече тренерот Андоновски.
Инаку првиот Суперлигашки натпревар, момците од Охрид 2011 го играат во недела, против екипата на Преспа 2010 и тоа на домашен терен, токму затоа тренерот Андоновски ги повика сите љубители на ракометот, но и воопшто охриѓани и на почетокот на оваа сезона, да им ја дадат безрезервната подршка на ракометарите. Кон повикот се придружуваме и ние, ајде да бидеме осмиот играч на теренот за нашите момци, и да им помогнеме да останат во елитата, онаму каде што заслужија да бидат.
{loadposition content9}